Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на министерскиот совет и, како што се очекуваше, ги обвини останатите земји членки, а особено ЕУ и САД, за лицемерие и непочитување на принципите на кои почива ОБСЕ.
Обраќајќи се на, како што рече, бриселската бирократија Лавров тврдеше дека Европа има проблем со фактографијата и со објективноста и дека заклучоците што ќе се усвојуваат на ОБСЕ овие два дена – се подготвени однапред, сакајќи да каже дека не се резултат на политичкиот дијалог. Тој притоа ја обвини ОБСЕ дека молчи кога се загрозува слободата на медиумите во западните земји и се врши врз нив репресија, а ја напаѓа за тоа Русија и дека во Организацијата константно се одбиваат барањата на Москва да се разговара за неонацистичките движења низ Европа и во Украина.
Украина, пак, ја обвини дека сака да избрише се што е руско во земјата, дека не признава постоење на руско малцинство, дека го забранува законски рускиот јазик и дека води „одвратна кампања“ против руската црква во земјата, и сето тоа, нагласи Лавров,не е по последната руска интервенција туку почнало во 2014 година, веднаш по договорот за мир склучен со гаранција на Германија, Франција и Полска.
Со порака дека „неонацистите се добредојдени во ЕУ“, тој заклучи дека нема место за оптимизам и дека ОБСЕ станалa говорник на западните земји.
Првиот говорник по Лавров, данскиот шеф на дипломатијата Расмусен оцени дека неговите пораки биле манипулативни, со порака „толку од дијалогот“ – бидејќи рускиот министер според него веднаш по говорот што го одржа излегол од состанокот.