Москва ги осудува обидите на неколку земји да извршат притисок врз белоруската Влада, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Ги осудуваме обидите на неколку земји да извршат притисок врз легитимната влада на Белорусија и да ја поддржат опозицијата незадоволна од резултатите на претседателските избори, рече Лавров.
Како што пренесува агенцијата ТАСС, тој оцени дека на раководството и на народот на Белорусија им се наметнуваат „сомнителни идеи за посредување“, преку ОБСЕ, кој, како што рече, и самиот е во криза и има потреба од реформи.
Лавров посочи дека „ОБСЕ не ја исполни обврската да обезбеди меѓународно набљудување на изборите во Белорусија“.
Тој оцени дека Европската унија и НАТО изразуваат „деструктивни ставови“ за ситуацијата во Белорусија и додаде дека Русија забележала зголемена активност на НАТО во близина на границите на Белорусија.
Според него, Русија зазела балансиран став за кризата во Белорусија.
Лавров истакна дека изборите во Белорусија за Русија се завршени и дека сите несогласувања меѓу власта и опозицијата мора да се решат преку дијалог заснован на Уставот на таа земја.
– Сметаме дека е недозволиво какво било мешање во внатрешните работи на Белорусија и какви било обиди за наметнување медијација против волјата на Минск и белоруската влада, рече Лавров.
Тој додаде дека за Москва е важно белорускиот народ сам да ја реши ситуацијата.