Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ја повика во четвртокот Русија да ги повлече своите едници натрупани во близина на границата со Украина за да се овозможи намалување на тензиите меѓу Западот и Москва кој тврди дека е „сѐ поизвесна можната“ руска инвазија врз соседната земја, а шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров порача дека е разочаран од напредокот во дијалогот.

„Министерот Лавров денеска ми рече дека Русија не планира да ја нападне Украина. Но тие зборови мора да ги следат дела и сакаме единиците и опремата стационирани на украинската граница да се преместат на друго место“, изјави шефицата на британската дипломатија Лиз Трас, првиот висок британски функционер кој ја посетува Москва по 2018 година.

Нејзиниот домаќин, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, оцени дека разговорите со Трас биле „дијалог на глувиот и немиот“, додавајќи дека неговата британска колешка не го „слушнала“ исцрпното излагање на Русија за нејзината загриженост од проширувањето на НАТО на самите нејзини граници.

Според него, руската страна постојано, „како и овојпат“, дава детални објаснувања за своите позиции и ги изложува аргументите кои ја покажуваат „неоснованоста на стравувањата од инвазија“ врз Украина. Воените вежби и разместувањето на руските единици во самата Русија поттикнуваат „несфатлива загриженост и силни емоции кај нашите британски колеги и другите западни претставници“, заклучи Лавров.

„Имав впечаток дека нашите британски колеги или немаат поим за објаснувањата за непостоечките руски планови за напад кој неодамна ги изнесе претседателот (на Русија, Владимир) Путин или, пак, целосно ги пренабрегнуваат“, рече Лавров.

Првиот руски дипломат додаде дека Москва не се обидува да им се заканува на другите земји.

„Видете ги изјавите во јавноста, никогаш никаде нема да слушнете закани, тие нам ни се закануваат“, рече Лавров.

Во тој контекст Лавров ги коментираше извештаите дека ЕУ подготвува колективен одговор на писмото од руското министерство за надворешни работи во кои бара од земјите во ОБСЕ да коментираат дали имаат намера да ја исполнат обврската за неделивоста на безбедноста, според кој ниедна држава не може да ја јакне својата безбедноста на сметка на безбедноста на другите земји.

„Како што слушнав, наместо искрени одговори секоја земја (членка на ОБСЕ), Европската унија сака да направи колективен документ, каде ќе се израмнат сите нијанси на националните позиции. Убеден сум дека во овој во тој случај нема да можеме да разговараме. Тогаш, веројатно, ќе размислиме како да излеземе од оваат состојба“, заклучи Лавров.