Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека одлуката на Бугарија да протера 70 руски дипломати е резултат на притисокот на Вашингтон врз Софија.
Тој додаде дека желбата на американскиот суверен е да ја убие историската меморија не само на Бугарите, туку и на другите народи на Балканот, пред се православните.
– Тоа не е независна одлука на вршителот на должноста премиер кој претставува апсолутно отворена и недвосмислена проамериканска ориентација и е подготвен да ги исполни сите желби на својот суверен, рече Лавров.
Тој објасни дека „желбите на суверенот вклучуваат убивање на историската меморија на Бугарите, уништување на темелите на односите воспоставени во заедничката борба за независност и многу други ситуации, вклучително и од поновата историја“.
– Политиката на Вашингтон не се однесува само на Бугарија, тој сака да ја убие историската меморија на другите народи на Балканот, пред се на православните, додаде министерот.
Според Лавров, „самите бугарски власти биле изненадени од оваа одлука“. Тој посочи дека оваа одлука „не се потпира на процедурите воспоставени во Бугарија за такви ненадејни чекори“. Рускиот дипломат рече дека Москва ќе одговори на овој потег на бугарските власти и додаде дека руската амбасада во оваа фаза е спречена да работи нормално.
Претходно руската амбасада во Софија соопшти дека руските дипломати и вработени во руските дипломатски институции, кои беа прогласени за персона нон грата, ја напуштаат територијата на Бугарија.