Вашингтон и Москва разговараат за предлогот на САД за заеднички проекти, а руската страна не го отфрли, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Дипломатскиот форум во Анталија.
„Сакаме да видиме каков заеднички проект можеме да разгледаме и да разговараме заедно. Тоа беше американски предлог. Никогаш не сме отфрлиле предлози за соработка во економијата, во решавање на конфликти – никогаш“, рече Лавров.
Тој рече дека Русија и САД разговараат и за билатералните односи, почнувајќи од нормализацијата на работата на амбасадите.
„Претходната демократска американска администрација, уште кога Барак Обама беше претседател (2009-2017), почна да протерува руски дипломати од земјата и заплени пет руски дипломатски имоти“, рече Лавров.
Тој исто така истакна дека за односите меѓу Русија и Кина не се разговарало во рамките на билатералните контакти.
Последната рунда разговори меѓу Русија и САД се одржа на 10 април во Истанбул, а двете страни меѓу другото разговараа за обновување на соработката во повеќе области и нормализација на дипломатските односи.