Руската страна ќе биде подготвена да ѝ презентира на Украина нацрт-договор за прекин на огнот штом ќе заврши размената на воени заробеници во форматот „илјада за илјада“, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Ја завршуваме подготвителната работа за изготвување список за размена на воени заробеници по принципот „илјада за илјада““, додаде Лавров.

Тој оцени дека на европските лидери ќе им биде тешко да ја избегнат одговорноста за поттикнување на украинската криза, пренесува ТАСС.

„Секако, тука постои европска одговорност. Мислам дека кога ќе ги разгледаме последиците од овој конфликт, ќе биде тешко да се избегне одговорноста“, рече тој.

Во исто време, шефот на руското Министерство за надворешни работи нагласи дека од јавните изјави на европските лидери е јасно дека тие имаат намера да продолжат да му обезбедуваат оружје на Киев, без оглед на предупредувањата од Москва дека е потребно да се елиминира коренот на проблемот што го предизвика конфликтот.

Лавров додаде дека Русија чека меѓународна реакција на украинските напади врз руски цивилни цели.

„Реакцијата треба да се базира на оние фундаментални документи што се основа на активностите на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и другите мултилатерални структури, кои бараат какви било напади врз цивилни објекти да бидат безусловно исклучени за време на воените операции“, нагласи Лавров.