Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) дополнително ја нарушува стратешката стабилност.
Тој истакна дека Вашингтон ја игнорирал понудата од Москва да ја испита крстосувачката раката за која САД тврдат дека го крши ИНФ.
Лавров, исто така ги обвини САД дека го прекршиле Договорот за распоредување на пресретнувачки ракети во Романија, кои користат лансери од кои можат да се истрелуваат и крстосувачки ракети.
Тој на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин наведе дека е доведен во опасност и вториот клучен Договор за контрола на вооружувањето Нов СТАРТ, кој истекува во 2021 година.
На денешниот состанок на Путин со Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, рускиот претседател изјави дека Москва ја стопира примената на ИНФ, откако американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера најави дека САД од денеска ќе ја прекинат примената Договорот.
– Следно што ќе направиме е тоа што ќе одговориме со иста мерка. Американските партнери кои објавија дека нема да се придржуваат до Договорот (ИНФ) и ние исто така ќе ја стопираме неговата примена, посочи Путин, додавајќи дека побарал од Шојгу и Лавров да не отпочнуваат разговори за иднината на ИНФ.
– Како и досега, нашите предлози на тоа поле остануваат на маса, вратата за разговори е отворена. Во меѓувреме побарав од двајцата министри да не почнуваат разговори за иднината на тоа прашање. Да почекаме да видиме дали нашите партнери станале доволно зрели за да можат со нас да водат правилен и смислен дијалог за тоа прашање, што е клучно и за нас и за нашите партнери и за целиот свет, истакна Путин.
Тој додаде дека Русија нема да поставува ракети со краток и среден дострел во разни региони од светот пред тоа да го направат САД.
На средбата Путин побара од Шојгу да направи план за неутрализирање на заканата што доаѓа од оружјето поставено во Вселената.
Со ИНФ забранети се крстосувачките ракети лансирани од земја со дострел од 500 до 5.500 километри.
Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел е потпишан во 1987 година од страна на Роналд Реган и Михаил Горбачов.