Од крајот на Втората светска војна, човештвото не било толку загрозено со закани и ризици како што е денес, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Минхенската безбедносна конференција.
Лавров предупреди дека денес во светот недостасува заедништво во борбата против заканите и ризиците какви што светот не видел од крајот на Втората светска војна.
– Пред очи ни се распаѓаат серија стратешки договори за безбедност и неширење нуклеарно оружје, се намали прагот за употреба на нуклеарно оружје, се зголемуваат регионални кризни жаришта, а нормите на меѓународното право се изложени на потсмев, рече Лавров.
Тој додаде дека ова првенствено се однесува на насилното мешање во внатрешните работи на суверените земји, нелегалните санкции и мерките на протекционизам со кои се поткопуваат светските пазари и глобалната трговија“.
– Меѓународните односи се варварски до тој степен што го нарушуваат елементарниот модус на човечното, истакна шефот на руската дипломатија.