Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги предупреди западните земји „да не си играат со оган“ во врска со сириската бунтовничка област Идлиб, каде армијата на Башар ал Асад подготвува офанзива.
Лавров ги обвини западните земји дека подготвуваат „провокација“, веројатно алудирајќи на хемиски напад кој би послужил за западна воена интервенција врз Сирија.
– Се подготвува нова провокација за да се пореметат плановите за спроведување на противтерористичка операција во Идлиб. Нашите минситерства за одбрана и за надворешни работи ги изнесоа фактите по што упативме јасно и силно предупредување до нашите западни колеги да не си играат со оган, изјави Лавров по средбата со сирискиот министер Валид Муалем во Москва.
Муалем најави дека сириската армија е подготвена да оди до крај во операцијата во Идлиб, која е последната поголема сириска област под контрола на бунтовниците. Тој ја посочи исламистичката група Ал Нусра како главна цел на сирискиот планиран напад и вети дека армијата на Асад ќе се обиде да избегнува цивилни цели за време на операцијата, пренесе агенцијата ТАСС