Западот се обидува да спречи формирање на мултиполарност и да ја одржи својата доминација со прибегнување кон уцени и санкции, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Во разговор за телевизијата „Русија 1“ на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, Кина, Лавров рече дека имало значајни дискусии кои покажале преку разни примери и иницијативи дека се формира мултиполарен свет.

„Западните земји се обидуваат да го спречат ова. Тие се обидуваат да ја одржат својата доминација, повеќе не прибегнувајќи кон преговори, не кон методи на фер конкуренција, туку кон директна уцена, притисок, санкции“, рече Лавров.

Тој нагласи дека имало „колосална“ злоупотреба на улогата на доларот во светските работи и дека САД наметнуваат царински војни на сите.

„Општото мислење беше дека сето ова нема никаква врска со обидот да се одбранат легитимните права на Западот во глобалната економија и политика, туку едноставно се користело како средство за потиснување на конкурентите. Фактот дека конкурентите не само што пораснале, туку веќе се пред историскиот „колективен Запад“ во повеќето аспекти е очигледен за сите“, рече Лавров.