Македонските ракометари синоќа во Битола славеа против Турција со 31:27, меѓутоа не ја покажаа очекуваната игра.
Иако Македонија славеше на отворањето на квалификациите за Европското првенство, сепак синоќа избраниците на Раул Гонзалес покажаа дека се уште не се влезени во форма со многуте падови во играта.
„Најважна е победата и освоените бодови, но тврдам дека ова беше еден од нашите најслаби натпревари во последните десет години. Некоординирана игра, без респект кон противникот. Од мене почит има публиката во Битола, битолчани покажаа дека живеат за ракометот“, изјави Лазаров и додаде:
„Јас како капитен тврдам дека натпреварот го напуштаме со наведнати глави, навивачите заслужија подобра претстава. Со ваква игра, нема што да бараме на Европското првенство“, изјави Лазаров.