Македонската машка ракометна репрезентација попладнево го одржа првиот тренинг по пристигнувањето во Дебрецин каде утре ги очекува премиерниот настап на Европското првенство против Словенија.
Капитенот и селектор на националниот тим Кирил Лазаров истакна на денешната онлајн прес-конференција дека словенечката репрезентација е исклучително квалитетна, но оти „црвено – жолтите“ влегуваат во дуелот максимално мотивирани за успешен старт на Европското првенство.
– Имаме целосен респект кон Словенија. Тие имаат квалитетни индивидуалци и се голем тим. Меѓутоа, ние не влегуваме во натпреварот со бело знаме. Иако фаворитската улога можеби е на нивна страна, ние ќе дадеме сè од себе за да приредиме изненадување, најави Лазаров.
Македонскиот селектор посочи дека амбицијата е да се мине групата А во која уште се Данска и Црна Гора, и да се обезбеди пласман во втората фаза.
– Ние имаме желба да одиме во вториот круг. Тоа би било голем успех, не затоа што не заслужуваме да бидеме таму, туку затоа што на жрепката добивме силни противници. Сепак сме во транзиција, потребно е време и мораме да бидеме трпеливи. Градиме репрезентација за следните десетина година. Не сакам да ги оптоварувам моите играчи со дополнителен притисок. Ние знаеме што сакаме, знаеме дека ќе дадеме сè, а останува да видиме дали тоа е доволно, додаде Лазаров, пред утрешниот дуел против Словенија со почеток од 18 часот во салата „Феникс“ во Дебрецин.