Атмосферата во тимот е одлична, со позитивно размислување одиме во финалето со АЕК, вели за МИА тренерот на ракометниот клуб Алкалоид Кире Лазаров во пресрет на утрешниот прв натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп во Атина и истакнува дека првиот дуел на гостински терен, во некоја одредена мерка може да има влијание на играчите, но нема тоа да биде одлучувачко.
РК Алкалоид доцна синоќа пристигна во грчката метропола, а на нешто повеќе од 24 часа пред натпреварот, Лазаров, во разговор со дописничката на МИА од Атина, ја пренесува атмосферата во тимот, вели дека се добро подготвени, говори за очекувањата, посочува дека дуелот на гостински терен нема да има големо влијание, ги пренесува неговите размислувања за македонскиот ракомет, а ја коментира и ждрепката за Европското превенство, на кое нашата репрезентација доби силни противници.
Тренерот на Алкалоид, за очекувањата од утрешниот натпревар, објаснува дека и тој лично, но и стручниот штаб и играчите, секогаш, пред секој противник се претпазливи и додава дека „секогаш треба да бидеме така, особено пред ваков натпревар“.
– Со позитивна атмосфера и позитивно размислување тргнуваме кон финалето. Поминавме многу долг пат за да стигнеме до ова финале, не беше воопшто лесно, елиминиравме многу добри противници, во голем дел од тие натпревари доминиравме со победи и на домашен терен и на гости, меѓутоа моето искуство кажува дека секој противник треба да го почитувате, особено противник, кој исто така како и тебе дошол до едно големо финале, исто на еден доминантен начин. АЕК како тим веќе има такво искуство, има освоено европски куп, има изгубено едно финале, така да тие како клуб го имаат почувствувано тоа и знаат како да се постават, но сакам да кажам дека секој има свои сметки и свои математики, така и ние и се надеваме дека ќе бидеме на потребното ниво, да бидеме во најмала рака компетитивни утре, објаснува Лазаров.
Пренесувајќи ја атмосферата во тимот, составен од млади, македонски и пред сè надежни ракометари, нагласува дека е одлична, но и коментира дека еуфоријата од финалето веројатно ќе ја почувствуваат утре.
– За нив ова е прво вакво искуство, да се игра европско финале, големо европско финале. Тие уште го немаат почувствувано тоа. Најверојатно ќе го почувствуваат утре, пред и за време на натпреварот, но ги гледам релаксирани, опуштени и во добра атмосфера и добро подготвени го очекуваме утрешното финале, нагласи тренерот.
Европското финале е закажано за утре во 18 часот по македонско, 19 часот по локално време во олимписката сала „Сунел Арена“, а според последните информации од Атина, постои голем интерес од навивачите на домашниот тим АЕК и продадени се околу 4.000 билети.
Реваншот, ќе се одигра за една седмица во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.
Лазаров, во разговорот за МИА, го коментира и играњето на гостински терен и дали и колку тоа влијае врз психологијата на ракометарите на Алкалоид.
– Видете, ние доста време потрошивме на таа подготовка, особено кога се работи за гостински терен и гостински навивачи. Во нашето првенство имаме секоја недела едно такво искуство. Нашата лига од година во година е поквалитетна и поинтересна и каде и да игра Алкалоид играме пред полна сала, пред гостински навивачи со млад тим. Така што мислам дека, да, предност е за АЕК во една рака, но во друга рака ние веќе година-две настапуваме во полни сали во Битола, пред полни сали во Јане Сандански, со Комитите, со Чкембарите, полни сали во Охрид, кои се противници во нашето првенство, исто така и во Кавадарци. Мислам дека за нашите играчи, ќе има, да, во некоја одредена мерка влијание, но нема тоа да биде одлучувачко, истакнува тренерот на РК Алкалоид.
Проектот Алкалоид дава шанса на млади македонски ракометари и градење добри селекции
Со оглед на тоа што тимот е составен од млади, надежни македонски ракометари, Лазаров во разговорот со МИА говори и за ракометот во Македонија, истакнувајќи ја важноста да се работи на младите потенцијали.
– Ние со овој проект почнавме пред малку повеќе од три години и нашата цел со самото формирање на ракометниот клуб Алкалоид, беше давање шанса на млади македонски играчи на правење на добри селекции. Формиравме два клуба, едниот е Алкалоид, кој утре ќе го игра финалето, а другиот е Мулти Есенс, каде што даваме шанса на помладите селекции да се натпреваруваат на повисоко ниво. Едноставно со тоа покажавме општествена одговорност кон државата и тоа постепено ни се враќа. Во меѓувреме произведовме многу играчи. Многу играчи непознати за нашата јавност, па и за европската јавност се етаблираат квалитетно, чекор по чекор секој на свој начин, некој повеќе некој помалку, објаснува Лазаров.
Паралелно посочува дека со проектот Алкалоид, што, како што додава, има целосна поддршка на сопственикот Живко Мукаетов, покажуваат доблест, општествена одговорност, но и грижа, не само за Алкалоид, туку и за државата и за нејзината иднина, „давајќи, многу храбро шанса на млади македонски играчи, споредувајќи со други клубови кои не си го дозволуваат ова“.
Да го прифатиме предизвикот една мала Македонија на ЕП да игра со најдобрите во светот
Пред два дена, македонската репрезентација ги дозна противниците на Европското првенство што ќе се одржи на почетокот на следната година, а избраниците на Лазаров ќе играат со Данска, Португалија и Романија.
Тренерот на Алкалоид, но и селекторот на репрезентацијата, во разговор со дописничката на МИА од Атина, ја коментира и ждрепката, со оглед на силните противници и посочува дека треба да го прифатиме предизвикот како мала земја да играме со најдобрите во светот, добро да се подготвиме и да напредуваме и да не чекаме, е на пример Данска да биде слаба, туку да се трудиме да напредуваме.
– Групата е таква каква што е. Имавме среќа или несреќа да се паднеме во група со светскиот шампион Данска и со полуфиналистот на Светското првенство Португалија и тоа е тоа. Треба како мала Македонија да се носиме со тој предизвик. Меѓутоа, знаете како, не треба да се компарирате. Данска, Португалија, Франција, секогаш ќе бидат јаки. Битно е вие да напредувате. Ние треба да напредуваме, не можеме да чекаме Данска да биде слаба, таа секогаш ќре биде јака. Ние треба да напредуваме, како што напредуваше овој клуб, РК Алкалоид. За неполни три години стигна до еврпоско финале. Така и со нашата репрезентација, нагласи Лазаров.
Додаде дека треба да се работи стратегиски, точно, прецизно математички, но и да се има трпение, бидејќи како што рече, „новата генерација веќе е создадена.
– Така што, нема многу плачење, тоа е тоа, предизвикот треба да се прифати за една мала Македонија да игра со најдобрите во светот, коментира низ насмевка тренерот на Алкалоид и селектор на репрезентацијата.
Сепак, Европското првенство е за осум месеци, а сега, целото внимание на Кире Лазаров е насочено кон утрешното, прво европско финале за ракометниот клуб Алкалоид.
Сања Ристовска
Фото: МИА