Хаос во Водовод – паника кај скопјани. Политиката замешала прсти и во водата. Неофицијално како што пишуваат медиумите, санацијата на водоводните цевки во Рашче била договорена пред Виктор Панчевски да застане на чело на претпријатието, а за овој зафат знаела градоначалничката Данела Арсовска. Проблемот “пукнал” затоа што Панчевски последен дознал за зафатот и затоа настанала кавга во Водовод, по што побарал да се одложи менувањето на водоводната мрежа.
По драматичната вест дека без вода ќе остане цело Скопје, јавноста остро реагираше, а од јавното претпријатие за само неколку часа ја избришаа објавата, а пред полноќ соопштија дека вода ќе има – со образложение дека профилот им бил хакиран и неовластени лица ја објавиле информацијата.
Но нејасно е, кои се тие “неовластени” луѓе кои имаат пристап до службени мејлови, лозинки и пуштаат дезинформации што предизвикаа хаос во градот каде што живее пола Македонија.
Панчевски кој градоначалничката на град Скопје го назначи само пред една недела, не одговори на нашите телефонските повици и пораки да објасни што се случува во претпријатието и дали првично бил планот навистина цело Скопје да нема вода, пa пoдоцна се прeмислиле.
Одговор добивме од пи ар службата на Панчевски. Еднa штура информација во која само се вели дека се преземаат мерки за сторителите.
“Во однос на вашите прашања,Ве известуваме дека е испратено официјално соопштение од ЈП Водовод и се преземаат мерки за сторителите” – велат од Водовод.
За какви преземени мерки мислат од кабинетот на Панчевски е нејасно, кога во МВР не стигнала никаква пријава од Водовод.
“Ве известуваме дека во СВР Скопје нема пријава за компјутерски криминал пријавен од страна на ЈП Водовод” – велат од МВР.
Инаку по најавата дека ќе нема вода цело Скопје граѓаните ги испразнија маркетите со панично купување на вода.