Канцелариите на американската телевизија Си-Ен-Ен во Њујорк синоќа беа евакуирани по телефонска закана дека во зградата на Тајм Ворнер се поставени пет бомби.
Обезбедувањето на компанијата веднаш ги евакуирало сите од зградата и извршило првична проверка. Потоа дошле и специјални полициски единици кои по детална претрага не пронашле никакви експлозивни направи.
Маж со јужњачки акцент околу 22 часот по локално време се јавил во телевизијата и рекол дека во зградата на компанијата Тајм Ворнер на Колумбос сиркл, каде што се наоѓа и редакцијата на Си-Ен-Ен, се поставени пет бомби.
Истите канцеларии на Си-Ен-Ен беа евакуирани и во октомври, откако до медиумот беше доставен сомнителен пакет кој содржеше своерачно направена експлозивна направа.