Пишува Дарко Јаневски
Дали според Библијата, жената треба да молчи, да седи дома, да раѓа деца и да му биде покорна на мажот? Денеска веројатно многумина би се согласиле дека само и првата заповед, за малку повеќе молчење на жените, е доволна, другите нека одат по ѓаволите, но, сепак, дали тоа е библиска вредност?
Ако се суди според Првото послание на апостол Павле до Тимотеј, тоа е токму така – жените треба да молчат потчинети на мажите. Еве што се вели во вториот дел од Посланието до Тимотеј, точка 9-15:
„Исто така и жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жени, што ѝ се посветуваат на побожноста. Жената да се учи во мир и потполно покорство. На жена не ѝ позволувам да подучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна. Бидејќи порано беше создаден Адам, а потоа Ева; и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап: но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со чесност.“
Значи, тоа го вели Павле до Тимотеј: жената треба да биде мирна, покорна, не смее да подучува, ниту да господари над мажот, туку треба да седи дома и да раѓа деца.
Сепак, експертот за Новиот завет, американскиот професор Барт Ерман, тврди дека оваа шокантана порака на апостол Павле не е точна, иако ќе ја најдете во секоја денешна Библија. Еве како тој го објаснува својот став и го побива ова во книгата „Исус тоа не го рекол“:
„Накратко, жените изгледа имале значајна улога во црквите во времето на Павле. Коренот на таа улога може да се најде во објавата на Исус дека во Царството кое ќе дојде мажите и жените ќе бидат еднакви. Изгледа дека тоа била и пораката на Павле, што може да се види од неговото писмо до Галатјаните (3:27-28):
„Оти сите сте синови Божји преку верата во Христа Исуса; сите, што е крстивте во Христа, во Христа се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема ни мажи ни жени; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса.“
Еднаквоста во Христа можела да се манифестира и преку службата Божја во заедниците на Павле. Наместо само да седат и „молчејќи да слушаат“, изгледа дека жените биле активно вклучени во неделните состаноци, учествувајќи, на пример, во молитвите и пророштвата, во голема мерка како што тоа го правеле и мажите (до Коринтјаните).
Истовремено, на современите толкувачи може да им изгледа дека Павле не го довел својот поглед за односите меѓу мажите и жените до нешто што може да изгледа како негов логичен заклучок.
Тој, на пример, бара, кога жените се молат или прорекуваат во црква, тоа да го прават со покриена глава, за да покажат дека се потчинети на авторитетот (Коринтјаните 11:3, посебно стих 10).
Со други зборови, тој не инсистирал на социјална револуција во односите меѓу мажите и жените, иако сметал дека во Христа „нема ни робови, ни слободни“.
Наместо тоа, бидејќи времето е кратко (до доаѓањето на Царството) тој инсистирал дека сите треба да бидат задоволни со улогата која им е дадена и дека никој не треба да се обидува да го измени својот статус – сеедно дали е тоа статус на роб, слободен, оженет, самец, маж или жена (Коринтјаните 7:17-24).
Значи, во најдобар случај, може да се смета дека станува збор за амбивалентност кога е во прашање улогата на жената: тие се еднакви во Христа и дозволено им е да учествуваат во животот на заедницата, но како жени, а не како мажи (иако не би требало да го симнат велот и да изгледааат како мажи, без авторитет над главата)“, тврди Ерман.
Понатаму, тој истакнува:
„Таа амбивалентност на Павле на интересен начин влијаела на улогата на жената во црквата. Во некои цркви се нагласувала еднаквоста на жените која произлегува од Христа. Во други се истакнувала потребата жените да останат потчинети на мажите. По смртта на Павле расправата за улогата на жената се разгорела, но почнал се повеќе да преовладува ставот таа да биде потчинета, да седи дома, да молчи и да раѓа (а тоа што има да го научи, ќе го чуе од мажот кој треба да ја подучува за тоа што е битно, н.з.).
Тоа станува очигледно од Писмото до Тимотеј, потпишано како да е на Павле. Но, денешните експерти за Новиот завет се мошне уверени дека Првото послание до Тимотеј не го напишал Павле, туку еден од неговите подоцнежни следбеници од втората генерација. Тука, во тоа Послание, е и прочуениот злогласен пасус за жените во Новиот завет кој вели дека на жените не смее да им се дозволи да ги подучуваат мажите, бидејќи се тие создадени како пониски суштества, како што укажал Бог; затоа тој прво го создал Адам, а потоа Ева и затоа не смее не жената да и се дозволи да газдува со мажот.
Всушност, според авторот на Посланието во име на Павле, се знае што се случува кога жената ќе ја преземе улогата на учител; таа лесно бива заведена од ѓаволот, па ќе ги одвлечка мажите од вистинскиот пат. И затоа жените треба да останат дома и да се држат до тоа што е предвидено за жените – да раѓаат деца и да ја чуваат својата чедност“, истакнува Ерман.
Да го повториме тој пасус од почетокот на овој текст уште еднаш:
„Жената да се учи во мир и потполно покорство. На жена не ѝ позволувам да подучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна. Бидејќи порано беше создаден Адам, а потоа Ева; и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап: но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со чесност.“ (Прво до Тимотеј 2:11-15)
Ова изгледа прилично далеку од Павловото сфаќање дека „во Христа… нема ни мажи, ни жени“ (Во македонската Библија ова е преведено како „нема ни машки пол, нема ни женски пол, што се чини е грешка, н.з.).
Ерман понатаму продолжува:
„Како влегуваме во вториот век гледаме дека линијата на фронот е јасно поставена. Постојат христијански заедници кои ја дозволуваат важната улога на жените и други кои бараат апсолутна потчинетост на жената.
Писарите кои ги препишувале текстовите кои подоцна ќе станат Свето писмо биле вмешани во тие расправи. И понекогаш, тие расправи влијаеле на текстот кој бил препишуван, бидејќи одредени делови биле менувани одразувајќи го погледот на писарот кој препишувал.
И во речиси сите случаи каде текстот е менуван, ова е правено на штета на рамноправната улога на жената.
Еве неколку примери:
Еден од најважните пасуси во современите расправи за улогата на жената наоѓаме во Првото послание до Коринтјаните 14. Во најголемиот дел од современите преводи на англиски, тој пасус гласи:
„Оти Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Така е по сите цркви меѓу светиите. Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е позволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели и Законот. Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува“.
Овој пасус изгеда како директно и јасно упатство според кое жените не смеат да збруваат (за подучување и да не зборуваме) во црквите и во голема мерка потсетува на пасусот од Првото послание до Тимотеј.
Но како што рековме, најголем бој научници сметаат дека тој пасус од Посланието до Тимотеј не е напишан од Павле, како што впрочем тоа е случај со целото Послание кое изгледа го напишал во негово име некој негов следбеник од втората генерација.
Но, ако за Послението до Тимотеј се смета дека не е напишано од Павле, никој нема сомнеж дека Писмото до Коринтјаните е негово. Сепак, има големи сомнежи за цитираниот пасус.
Зашто, како што стојат работите, споменатите стихови (34-35) во некои важни текстови се измешани. Во три ракописи на грчки јазик и во неколку на латински, овие зборови не ги наоѓаме тука, после стихот 33, туку после стихот 40. Тоа навело некои автори да претпостават дека тие стихови не ги напишал Павле, туку се напишани како некоја врста забелешка на маргините која можеби настанала под влијание на Посланието до Тимотеј. Па, разни препишувачи, на различни места ја додале, некои по стихот 33, некои по стихот 40.
Всушност, постојат добри причини да се смета дека тој пасус не е напишан од Павле. Тој не се вклопува во целиот контекст на Коринтјаните. Во тој дел на Првото Послание до Коринтјаните, Павле се занимава со прашањето за пророкување во црквата и упатува на тоа како христијанските пророци да се однесуваат во црквата во текот на богослужбата. Тој контекст е прекинат со пасусот за улогата на жената, од што станува јасно дека местото не му е таму. Значи, дискусијата за жените делува како вметната во контекст во кој се расправа за сосема други работи.
Така што, не само што тие стихови делуваат како натрапници, туку не се во согласност и со тоа што Павле го зборува за жените на други места во Коринтјаните. Зашто порано во книгата Павле ги упатува жените да зборуваат во црква, односно им вели кога се молат да имаат покриена глава, а молењето оди на глас.
Во тој пасус за кој нема сомнеж дека го напишал Павле, јасно се подразбира дека според него жените можат да зборуваат во црква. А во спорниот пасус, Павле им забранува на жените да зборуваат. Така што тешко е да се помират тие два става – или Павле им дозволувал на жените да зборуваат (со покриена глава, поглавје 11), или не (поглавје 14) . Бидејќи изгледа бесмислено Павле сам себе да си противречи во 14, само три поглавја после 11, изгледа дека тие стихови од 14 не потекнуваат од Павле.
А така испаѓа и со комбинација на доказите – различни препишувачи на разни места ги ставаат тие стихови, потоа, надвор се од контекст на самото поглавје, но и на целото Послание до Коринтјаните, така што заклучокот е јасен.
Тогаш може да претпоставиме дека тие се писарска измена на Посланието, од страна на препишувач кој сметал дека жените не треба да имаат било каква улога во црквата“, тврди Ерман.
Од сето ова лесно може да се заклучи и дека озлогласениот пасус кај Тимотеј не е на Павле. Со што се чини отпаѓа приговорот дека Библијата ја става жената во потчинета положба. Напротив, ако се следи Библијата, ја изедначува.