Крилото на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс зборуваше за прв пат јавно, откако претседателот на кошаркарските операции на клубот – Меџик Џонсон ја напушти функцијата на 9 април, непосредно пред крајот на регуларната сезона во НБА.
Во своето шоу на „ХБО“, Џејмс изјави дека бил шокиран од веста, која ја дознал од својот пријател Ренди Мимс, и не поверувал, додека сам не проверил.
– Човеку, тргни ми се од пред очи. Зборуваш глупости, му реков на Ренди, откри Џејмс.
Решив да се приклучам на Лејкерс, продолжува „кралот“, откако разговарав со Меџик и беше многу чудно кога сфатив одеднаш дека тој веќе не е дел од клубот.
– Дури не ми се јави за да ми каже: „Еј, Брон, бакни ме во г***т, си заминувам“. Ако го направеше тоа, немаше да се чувствувам толку чудно, рече уште Џејмс.
Кошаркарот додаде дека неговиот агент Рич Пол имал средба со Џонсон и генералниот менаџер на клубот, Роб Пелинка само неколку дена пред разделбата да стане факт, но немало дури ни знак за такво нешто.