Американскиот кошаркар Леброн Џејмс на социјалните мрежи сподели емотивна порака, во чест на американскиот рапер Ермиас Асгедом, или повеќе познат како Нипси Хасл, кој беше убиен во САД.
Нипси Хасл (33) е застрелан во неделата, во близина на неговата компанија „Маратон Стор“. Од полицијата велат дека работат на случајот, а неофицијално, се работи за пресметка на криминални банди.
Во раперот наводно пукало 20-годишно момче, кое исто така ранило уште две лица. По престрелката, убиецот избегал во непознат правец со автомобил кој бил управуван од непозната женска личност.
„Брате, не можам да се помирам, имавме комуникација пред еден ден. Зборувавме колку сум горд на тебе и како ќе те носам на повеќе натпревари на Лос Анџелес Лејкерс наредната сезона. Беше голем човек уште од првиот ден, почивај во мир, млад кралу. Ова навистина ме боли“, напиша Џејмс за својот пријател.
Леброн Џејмс нема да игра кошарка до крајот на актуелната сезона по сугестија на лекарите. ЛА Лејкерс исто така нема да биде дел од плеј-офот, поради лошите резултати во изминатите месеци.