Со посебен дрес кој ги сплотува сите клубови за кои играл во неговата успешна кариера, легендарниот холандски фудбалер Робин ван Перси денеска го одигра последниот натпревар во кариерата.
Ван Перси го играше целиот натпревар со до судиското надополнување, а тогаш неговиот тренер Џовани вав Бронхорст го извади од игра, што беше добра можност навивачите на Феенорд да го испратат во голем стил, со овации, а му беше посветен и транспарент во кој пишуваше: „Легендите остануваат засекогаш“.
Холандската легенда кариерата ја започна во Феенорд, каде играше пет сезони, во 2004 замина во Арсенал каде се прослави во целиот свет постигнувајќи 132 голови во 278 натпревари за „Топџиите“.
Потоа три сезони играше на „Олд трафорд“, каде со Манчестер јунајтед стана шампион во Премиер лигата, за потоа да замине во Турција каде играше во дресот на Фенербахче до 2017 година, кога одлучи да се врати таму од каде што ја започна богатата кариера, во Феенорд.