Ковид-19 сериозно ги засега дијабетичарите, бидејќи тие иако не се разболуваат почесто споредено со општата популација сепак, во случај на инфекција, развиваат потешки форми на болеста кои може да завршат и со смртен исход. Кај пациенти со дијабетес кои се инфицирани со Sars-CoV-2 неопходно е почесто да се контролира нивото на шеќер во крвта, гликемиската терапија да се прилагодува на дневна база и пристапот во лекувањето да биде во зависност од тежината на болеста. Ова се препораките кои проф. д-р Татјана Миленковиќ од Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот ги сподели на неделната онлајн дебата на тема „Ковид-19 и дијабетес“, што ја организираше Лекарската комора.
Пациентите со белодробна опструктивна болест, дијабетес, хипертензија и малигни тумори имаат значително поголем ризик за тешка форма на болеста Ковид-19, соопштија од Лекарската комора.
– Во секојдневната пракса и соочување со овие пациенти гледаме и дека колку е поголем број на коморбидитети толку се поголеми и шансите за да дојде до компликации и фатален исход, рече проф. д-р Миленковиќ.
Таа потенцира и дека направени студии потврдуваат дека дијабетесот е навистина голем ризик фактор за морталитет од Ковид-19.
– Голема национална студија во Кина покажала дека морталитетот на пациенти со дијабетес бил 10 проценти, додека кај пациенти без дијабетес 2,5 проценти. Кинескиот центар за контрола и превенција на болести изјави дека пациентите без коморбидитети имаат стапка на морталитет 0,9 отсто, додека кај пациентите со дијабетес стапката на морталитет е 7,3 отсто, објасни проф. д-р Миленковиќ.
Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик за компликации од Ковид-19 и фатален исход поради повеќе причини меѓу кои и тоа што имаат дефекти во имунитетот, имаат зголемен ризик за тешки инфекции поради зголеменoто ниво на цитокини, а инфекцијата со Ковид-19 ја зголемува состојбата на инсулинска резистенција кај дијабетесот.
– Целокупната смртност од Ковид-19 е поголема кај луѓето со дијабетес тип 1 во споредба со дијабетес тип 2. Главните ризик фактори кај пациенти со дијабетес тип 1 за полош клинички исход на инфекција со вирусот се пациенти постари од 50 години, долго траење на дијабетесот, голема преваленца на придружни заболувања. Забележана е поголема зачестеност на дијабетесна кетоацидоза кај деца и адолесценти со новоткриен тип 1 дијабетес за време на Ковид-19, но инциденца е иста во споредба со претходните години во истиот временски период што се претпоставува дека покажува дека Ковид-19 не ги зголемува шансите за појава на тип 1 дијабетес, само ја влошува прогнозата за лекувањето, истакна проф. д-р Миленковиќ.
На лошата состојба на пациентите со дијабетес, како што посочи, влијае и тоа што долго време се во домашен карантин, не се подложни на редовни контроли што дополнително го влошува дијабетесот и допрва ќе се гледаат негативните последици од тоа, а и стресот и паника која ја чувствуваат негативно влијае на регулацијата на шеќерот.
Иако не постојат доволно докази за медицина базирана на докази за Ковид-19 третман кај луѓе со дијабетес, сепак постојат препораки. За лесни и умерени помлади пациенти со Ковид-19, треба да се држи строга / тесна гликемиска контрола (4,4 до 6,1 гликемија на гладно и 6,1 до 7,8 после оброк). За лесни и умерени стари пациенти или пациенти на гликокортикоиди, потребна е пониско или средно ниво на гликемиска контрола ( 6,1 до 7,8 гликемија на гладно и 7,8 до 10 после оброк). За тешки и критични пациенти, постари пациенти, пациенти кои не поднесуваат хипогликемии или пациенти со сериозни кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања, потребно е да се одржува ниско ниво на гликемиска контрола (7,8 до 10 на гладно и 7,8 до 13,9 после оброк).
Проф. д-р Миленковиќ појасни дека точно се знае кои од препаратите за лекување на дијабетесот може да се даваат на дијабетичарите со Ковид-19, а кои може да ја влошат состојбата и треба да се одбегнуваат. Какво ќе биде лекувањето зависи од тежината на болеста и од видот на дијабетот.
– Гликемиската контрола мора да се оптимизира, особено кај хоспитализирани пациенти со дијабетес, потребно е често прилагодување на терапијата. Метформинот може да се користи кај лесни случаи со Ковид-19 сѐ додека кислородната сатурација е добра, но ако таа намалува лекот треба веднаш да се прекине и да се премине на инсулин. Инсулинот се преферира како најмоќно средство за контрола на гликемијата и кај некритични пациенти се дава поткожно, додека кај критични пациенти со сериозно нарушување на гликемијата, дехидратација и електролитен дисбаланс инсулинот се дава инстравенски со интензивна инфузија на течности, рече проф.д-р Миленковиќ.
„Ковид и дијабетес“ беше 12-та по ред онлајн дебата, на која лекарите од различни нивоа на здравствениот систем имаа можност да разменат искуства и најнови информации околу третманот на пациентите инфицирани со пандемискиот вирус, информираа од Лекарската комора.