Ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за лична корист. Ќе ги следиме сите случувања и навремено и соодветно ќе реагираме ако се докаже дека лекари од оваа клиника правеле злоупотреби со кои ги повредиле етичките принципи и кодексот на медицинската деонтологија, реагираат од Лекарската комора, откако вчера на Клиниката за Онкологија влегоа припадници на ОЈО Скопје и МВР и извршија претрес во кој собраа компјутери и документација во потрага по докази и отворија предистрага за случајот.
Сомнежите се дека дел од персоналот крадел терапии за болни од канцер по што истите биле препродавани на црниот пазар. Од ОЈО Скопје денеска информираа дека претреси биле спроведени и во два приватни стана во Скопје.
Од комората потенцираат дека му даваат поддршка на Јавното обвинителство и другите органи и очекуваат што поскоро да се расчистат сомнежите, како и да се споделат со јавноста точни информации за тоа што се случувало на Клиниката за онкологија која е единствена здравствена установа од ваков тип и таму се лекуваат најголем број пациенти болни од рак.
„Цврсто сме убедени дека на Клиниката за онкологија и радиотерапија има чесни здравствени работници кои совесно, одговорно и професионално ги лекуваат пациентите и овие успешни приказни исто така треба да добијат простор во јавноста, поради што и истакнуваме дека не треба да се даваат колективни осуди, туку точно треба да бидат посочени и санкционирани виновниците врз основа на релевантни докази“, додаваат од Лекарската комора.
Осуди за наводните случувања на Клиниката и поддршка за надлежните да спроведат истрага претходно испрати и министерот за здравство Фатмир Меџити.