Многу високоризични пациенти во Израел, заболени од Ковид-19, одбија да го примат лекот „Регенерон“, кој се смета за спасоносен, а кој почна да се препишува во здравствените центри од 23 септември.

Израелските медиуми наведуваат дека никој во израелскиот здравствен систем не предвидел такво сценарио, и дека досега само 256 пациенти го примиле лекот.

Лекот чини 1.500 американски долари по пациент, се дава интравенозно и, според студиите, значително го намалува ризикот од сериозни болести, доколку се даде во рок од 72 часа по инфекцијата.

Многу беше напишано за тој лек минатата година, кога му беше даден на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, откако се зарази со Ковид-19.

Еден месец подоцна, американската Федерална агенција за лекови (ФДА) го одобри за итна употреба.

До неодамна, лекот главно го примаа пациенти на болничко лекување и корисници на домови за стари лица, а од 23 септември, исто така, го пропишуваат и организациите за здравствена заштита.

Министерството за здравство го сметаше скапиот лек за вреден и беше загрижено дека многу пациенти ќе го побараат, особено оние кои не ги исполнуваат критериумите, пишуваат израелските медиуми.

Генералниот директор на Министерството за здравство, Наман Аш, побара да се утврдат јасно дефинирани критериуми за да се знае кој може да го прими Регенерон и да се формираат професионални одбори во секој здравствен фонд и да ги разгледаат барањата на пациентите кои не исполнуваат се што е потребно, пренесува Бета.

Аш го означи лекот за национално богатство и предупреди дека мора да се преземат сите чекори за да се спречи, меѓу другото, да се препише лек на оние кои не ги исполнуваат критериумите.

Овие критериуми се базираат на возраста на пациентот, бројот на хоспитализации во текот на три години, статусот на вакцинација, хронични заболувања, како што се бубрежни заболувања, дијабетес, срцеви заболувања и да се земе предвид дали се пушачи или страдаат од имуносупресија.

Здравствените установи се подготвија за брзо администрирање на лекот, а медицински тимови на израелската армија беа ангажирани за да можат пациентите што лежат дома да го примат.

Меѓутоа, се покажа дека побарувачката е многу мала, па здравствените центри се најдоа во ситуација да апелираат до пациентите да го примат.

Целиот процес во куќата на пациентот, вклучувајќи ја и инфузијата која трае 20 минути и надзорот после тоа, завршува за час и половина до два.

На нивно изненадување, лекарите открија дека значителен број пациенти одбиваат да го примат лекот, вклучително и многу невакцинирани лица за кои се смета дека се изложени на многу поголем ризик сериозно да се разболат.

Лекот е отфрлен и од оние чија состојба не е лоша, кои се чувствуваат добро и не мислат дека се во опасност.

Д-р Дорон Незер вели дека тоа е човечко и разбирливо, но дури и кај тие пациенти, постои ризик од 20 до 25 проценти од тешка форма на болеста. Лекарите, сепак, не можат да ги убедат да го земат лекот.

Има и такви кои се согласуваат да им биде препишан лекот и закажуваат прием, а потоа се откажуваат во последен момент по консултации со пријателите и семејството.

Засега, бројот на Израелци кои го одбиваат лекот е четири пати поголем од бројот на пациенти кои го примаат, и нема потреба да се штеди, покажуваат податоците од одредени здравствени фондови во Израел.

Откако лекот беше одобрен, една студија објавена во The New England Journal of Medicine покажа дека ефекасноста е 81 проценти во спречување на симптоматска болест и 66 проценти во спречување на заразување на оние кои живеат со пациентот.

Покрај тоа, симптомите на заразените траат половина во споредба со оние што не го примиле лекот, објавија израелските медиуми.