,,Ековита” од Неготино одржа работилница за млади од Украина
Здружението за заштита на природата Ековита од Неготино, одржа работилница за млади од Украина, се работи за продолжување со активностите од Летната детска програма за мали научници, информираше денеска Кристина Тодорова, долгогодишен активист во ова еколошко здружение.
– Млади истражувачи од Украина, на возраст од 12 до 17 години, кои во моментов се на одмор во Извидничкиот камп во Струга, учествуваа во работилница за одредување на шеќерот во грозјето. Младите истражувачи имаа можност да вкусат квалитетно неготинско грозје и да научат како се користи рефрактометар за мерење на нивото на шеќер во грозјето. Имавме прекрасен ден. Сите деца беа заинтересирани да се вклучат во практичната вежба. Тие беа воодушевени од новите знаења што ги стекнаа, рече Тодорова.
Таа соопшти дека активностите се организирани во соработка со Сојуз на извидници на Македонија
– Оваа работилница ja водеше Тања Тефова, дипл. инж. нутриционист. Горди сме што можеме да придонесеме за едукација и забава на младите научници. Остануваме во кампот и следуваат и нови активности, додаде Тодорова.
Фото: Ековита