Пилот изданието на новиот руски независен дневен весник „Новаја Газета Европа“, што го лансираа новинарите на овој опозициски весник пристигна во киосците во Летонија и за Денот на победата во Русија, 9 мај, ќе сведочи дека Москва не успеа да го замолчи независното новинарство.
„Новаја Газета“, чиј главен уредник е добитникот на Нобеловата награда за мир, Дмитриј Муратов, кон крајот на март соопшти дека повеќе нема да се објавува на интернет и во печатена форма во Русија додека не заврши интервенцијата во Украина, откако Кремљ го заостри својот став за критичните гласови.
-Новиот весник „Новаја Газета Европа“ е издание основано од слободни руски новинари кои беа принудени да ја напуштат земјата. Тие ги изразуваат своите независни ставови за војната во Украина и за настаните во Русија, истакна издавачот „Ригас Вилни“, втората по големина групација на печатени медиуми во Летонија.
Кирил Мартинов, поранешен заменик на Дмитриј Муратов, е директор на весникот, што е објавен на руски и летонски јазик, а ќе се појави на киосците в петок.
-Кога руската пропаганда ќе го претвори 9 мај (Денот на победата над нацистичка Германија во 1945 година) во свој ден, „Новаја газета“ ќе биде знак на киосците што ќе сведочи дека не успеале да не затворат, изјави Мартинов за летонското јавно радио.
„Се надевам дека копиите од весникот ќе го најдат патот до Русија, барем илегално“, додаде тој.
Насловните страници на новото издание на летонски и руски јазик ќе бидат различни, а содржината ќе биде иста. Тој ќе донесе сведоштва за животот под руска окупација во Херсон и извештаи од Харков и Буча.