„Директорот на Универзална сала, Филип Аврамчев од ЛДП, за само две години потрошил речиси милион денари за обезбедување настани и уште 250.000 денари за нафта и гориво за сала која не работи.
Иако Универзалната сала со години не е во функција, тоа го нема спречено Аврамчев да се однесува како да е во екот на своето работење. За само две години, тој потрошил 500.000 денари за изнајмување возила за сопствени луксузирања.
Постојат и можни индикации за криминални зделки, преку склучени договори за обезбедување на имот и лица на манифестации кои се реализираат во организација на Универзална сала, иако таа со години скоро и да не организира настани. Директорот Аврамчев склучил два договори за обезбедување со приватна фирма „Гард ДООЕЛ” од Скопје, во вкупна вредност од над 15.000 евра.
Функционерството во Македонија, наместо општествена дејност, претставува дејност за производство на јавен долг и трошење на јавните пари. А кај што се јавните добра, таму се и паразитите, а во овој случај, партиите – шампиони на корупцијата. Наместо Скопје да добие центар на сите културни случувања, побитно е трошењето на јавните пари и штитењето на корумпираните партиски кадри.
Цените на овие договори не се мали и тоа има сериозни последици и е само надополнување на долгата нишка на ѓердани на мафијашката политика. Тоа што нема правни последици е токму затоа што имаме нелегитимни влади и коалиции, каде пајтон партиите како ЛДП ќе станат послушници на новиот режим за да ги заштитат своите криминални кадри.”
Прес-конференција на портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.