Едно зборуваат од партијата на Левица пред граѓаните, а друго спроведува во практика нивниот директорски кадар, се нагласува во писмото што до медиумите е испратено од граѓани кои посочуваат на пример од Градската библиотека Браќа Миладиновци во Скопје.
Во продолжение го објавуваме во целост писмото со кое реагираат граѓани, за практиката на директорката, која е кадар на Левица, којапак е дел од локалната власт во Град Скопје.
КАКО ДИРЕКТОРКАТА НА ГРАДСКАТА БИБЛИОТЕКА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“, КАДАР НА ПАРТИЈАТА ЛЕВИЦА, СПРОВЕДУВА ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ?!
На 18. 12. 2024 година, од страна на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, е објавен јавен оглас за вработување на неопределено време за работно место самостоен библиотекарски помошник. Според систематизацијата на библиотеката и според Законот за библиотеки, работното место предвидува вишо образование, а во огласот е наведено гимназиско или високо образование. Со тоа се дискриминираат другите вработени со средно образование во библиотеката, кои се водат како библиотекарски помошници и земаат пониска плата од нововработената.
Освен тоа, се поставува следново прашање: дали е точно дека, иако се објавува јавен оглас, раководството на библиотеката, уште пред да излезе огласот, напоменува дека избраниот кандидат на огласот е однапред утврден и, како што велат, „другите џабе ќе конкурираат“?! Ако е точно, до кога во Македонија најотворено, без срам и перде, ваквите изјави и дела од лица на раководни функции ќе се прифаќаат како да се нормални?! Тоа е, меѓу другото, спротивно и на паролите на политичкиот субјект на кој му припаѓа директорката, според кои е во прашање партија на народот што сесрдно ем неотстапно ги брани „работничките права“. Можно ли е сега токму од устата на нивни кадар гордо да се изјавува дека „ете, кој си имал луѓе, си ја завршил работата“?!
Според неофицијални извори, комисијата за спроведување на постапката за избор е составена од Јулија Симовска-Динковска, советник-библиотекар и раководител на централната библиотека „Страшо Пинџур“, Силвана Јакимова, советник-библиотекар и раководител на централната библиотека „Другарче“, и Семра Осман, раководител на централната библиотека „Цветан Димов“. Комисијата одлучи дека избраната кандидатка, инаку сопруга на сметководителот на библиотеката, иако со средно образование, е во предност пред кандидати со високо образование. За вакви – колку елементарни толку и бескрупулозни „грешки“ – ако владее некаков систем, членовите на комисијата треба не само да останат без звањата (по кој тертип и да ги стекнале!) туку и да одговараат кривично.
Како директорка на библиотеката, Снежана Стојчевска ѝ должи на јавноста одговори и за други прашања. На пример, како е можно, со средства од библиотеката (без распишан конкурс и без знаење на вработените), да им се плаќаат придонеси за социјално, здравствено и пензиско осигурување само на грижливо избрани и привилегирани договорци, а по само нејзе познати критериуми? Одговор за тоа, а и за многу други прашања, ако не Стојчевска, можеби ќе имаат надлежните институции.
Минатата година Петар Богојески обелодени низа скандалозни неправилности во работењето на директорката на библиотеката „Браќа Миладиновци“. Поради заморот на јавноста, неговите укажувања поминаа без реакција. Сепак, најгромогласен беше молкот токму на директорката Стојчевска, која не најде аргументи да го демантира. Затоа, пак, во своите интервјуа, во согласност со девизата „не гледајте што правам, туку чујте и почујте што зборувам“, Стојчевска фарисејски лицемерно ги повикува младите да ја бараат правдата. Во таа смисла, младите се должни да ѝ го порачаат следново: длабоко уважена директорке, покрај сите самофалби во јавноста за некакви си успеси, во Вашето време бројот на членови и на позајмени книги е најнизок во историјата на библиотеката, а книгите што ги набавувате се, главно, по Вашиот вкус и пријателски односи. За падот на работата во библиотеката огромна е заслугата и на Вашите лични интереси.