„Ова кое што ќе го слушнете од социјалдемократите, особено од Груби е целосен политички нонсенс, овој политички фолклор кој што го споменуваат унапредување на законодавството. Сакам да потсетам еве зошто постои Комисијата за европски прашања? Зошто постои институтот европско знаменце како скратена постапка, убрзана постапка? Зошто формално правно? Постои поради Договорот за стабилизација и асоцијација односно Спогодбата за стабилизација и асоцијација која што е потпишана помеѓу Македонија и ЕУ. Согласно таа Спогодба Владата на Ковачевски и Груби добија ладен туш и им пропадна практично блефот затоа што се изјаснија дека законот за „Бехтел и Енка“ е спротивно на Спогодбата за стабилизација и асоцијација“, истакна Миле Лефков, пратеник во гостувањето во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.
Лефков додаде дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација има десет дела. Еден од деловите е усогласување на законодавството и спроведување на законите. Кога се говори за усогласување на законодавството се мисли на законодавство и законодавството на ЕУ и токму поради тоа е европското знаменце. А, не поради политичкиот нонсенс унапредување на законодавството.
„И премиерот и заменик премиерот даваат заклетва дека ќе ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Значи во момент кога го потпишувале договорот, вие имате дадено заклетва што – да ги почитувате законите кои што важат сега во моментов, а не да потпишувате договори под претпоставка кои закони би важеле во иднина. Затоа што со заклетва тие се обврзани тие да ја претставуваат Република Македонија и да ги претставуваат законите и Уставот“, потсети Лефков.
Тој посочи дека сега има нонсенс каде што власта убедува дека ако се изменат законите договорот со „Бехтел и Енка“ ќе чини помалку. И поради тоа власта се дрзнува да стави европско знаменце.
„Се откри целата криминална и коруптивна шема затоа што ако имаа тие искрен однос немаше првиот пакет од 9 закони па подоцна осум да стигнат од колеги пратеници. Се сеќавате на тој блеф на јавна сцена кога премиерот на избраниот Ковачевски, резервниот премиер ќе кажеше ние немаме ништо со тоа, пратениците сами предвиделе кои закони да се менуваат. За да дојдеме до тоа сега Артан Груби да ни кажува дека ќе стигнале до европско знаменце“, појасни пратеникот.
Тој нагласи дека не опозицијата туку Канцеларијата на Европската Унија им даде ладен туш кога им кажа дека станува збор за злоупотреба на европското знаменце.