Откако граѓаните со денови мрзнеа на минусни температури чекајќи пред пунктовите со цел промена на личните документи, со новото име на државата, власта во пет за дванаесет се сети дека можело и поинаку да се реши. Личните карти со Република Македонија, ќе важат и по 12-ти февруари, потврдија од МВР. Но, само за внатрешна употреба. Со пасош или лична карта без Северна, нема да можете никаде надвор од државата, потврди и премиерот Димитар Ковачевски. Тој информираше дека ќе важат и старите возачки. Поради Преспанскиот договор, за пролонгирање на рокот и за патните исправи, ќе мора дозвола да добиеме од Грција.
-Ќе разговараме со министрите за да видиме, знаете вие можете да направите законски измени, меѓутоа пак се работи за документ кој се користи за надворешна употреба. Личната карта и со Република Македонија на неа, таа се користи за внатрешна употреба. Возачката дозвола за да возите во нашата држава, се користи пак за внатрешна употреба, меѓутоа тука се работи за документ за надворешна употреба, изјави Ковачевски.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски го повика Уставниот суд веднаш да ги стави законите за личните документи вон сила, со цел и пасошите да важат по 12-ти февруари. Според него дополнителен проблем е што во моментов МВР има само 30.000 обрасци за патни исправи и дополнителни 10.000 двојазични, а уште милион и 300 илјади граѓани чекаат за промена на посош. Новите обрасци пак се очекуваат дури во март.
-Ценевме дека парламентот е простор како законодавен дом, каде што оној кој што го предложил овој закон во 2021-ва година, за промена на патните исправи и возачките дозволи, има можност и сега да поднесе измени, откако јасно им е на сите дека тој процес како што е замислено нема да оди, изјави Ковачевски.
Мицкоски порача дека рокот мора да се пролонгира со цел да престане понижувањето на македонските граѓани. Дека обичните луѓе се срамно понижувани пред пукнтовите за фотографирање и подигнување на личните документи, кажа и претседателот Стево Пендаровски.
Колку за потсетување, промената можеше да почне уште веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, но тогаш МВР немаше обрасци за пасоши со новото име, а и тендерската постапка беше пропратена со скандали.