Лидерите на БРИКС повикаа на заштитни мерки против неовластена употреба на вештачка интелигенција (ВИ) на самитот во Бразил во вторник, за да се избегне прекумерно собирање податоци и да се обезбедат механизми за фер авторски права, според нацрт-изјавата до која дојде Ројтерс.
Дел од дискусијата на дводневниот самит на БРИКС, кој започна во Рио де Жанеиро во вторник, се фокусираше и на вештачката интелигенција и фактот дека големите технолошки фирми, претежно со седиште во богатите земји, не одговорија на повиците за плаќање авторски права за материјал што се користи за обука на модели на ВИ.
Претставниците на БРИКС се согласија да издадат заедничка декларација на крајот од самитот во Рио де Жанеиро, изјавија за Ројтерс неименувани извори запознаени со ова прашање.
Преговарачите, кои се подготвуваа за самитот на лидерите во текот на изминатата недела, се мачеа да се договорат за војната во Појасот Газа, а имаше и несогласување за конфликтот Иран-Израел и застапеноста на Африка во предложената реформа на Советот за безбедност на Обединетите нации, велат изворите.
Министрите за финансии на БРИКС веќе повикаа на реформа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), вклучително и нова распределба на правото на глас и крај на традиционалното европско лидерство на организацијата.
Организацијата ја основаа Бразил, Русија, Индија и Кина, на кои подоцна им се придружи и Јужна Африка, а во 2024 година, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија, ОАЕ и Аргентина станаа членки на БРИКС.