Лидерката на Хонг Конг, Кери Лам, денеска кажа дека затворањето на два портала во овој град не ја одразува состојбата на слободата на медиумите во него, бидејќи самите портали донеле одлука за нивно затворање.
Полицијата во Хонг Конг пред една недела упадна во просториите на продемократскиот портал Stand News и уапси седуммина вработени. Порталот тогаш објави дека се гаси. Неколку дена подоцна, порталот Sitizen njuz (Граѓански вести) ја прекина работата.
-На овие медиуми ние не им направивме ништо. Властите никогаш не им се обратиле. Но, ако одлучат да престанат да работат поради нивната загриженост, тоа не е невообичаено, рече Лам на денешната прес-конференција, додавајќи дека властите во Хонг Конг не сакаат да ја загрозат слободата на медиумите.
Властите, додаде таа, го почитуваат законот и медиумите можат да продолжат да работат доколку не направат ништо незаконско.
Таа додаде дека од донесувањето на Законот за национална безбедност, во јуни 2020 година, бројот на локални медиуми е зголемен за 5,4 отсто, а на странските за 9,4 отсто.
-Значи, не може да се каже дека слободата на медиумите е загрозена со затворањето на два медиума, рече Лам.
По стапувањето на сила на овој контроверзен закон во Хонг Конг се уапсени стотици лица, вклучувајќи и продемократски активисти и новинари.