Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа првата победа во ракометната Лига Европа откако синоќа во Битола го совладаа Тримо Требње со 33:26 (20:14).

Македонскиот претставник одигра одличен натпревар со постојано водство кое кон крајот на средбата се движеше од 7 до 8 голови, а тоа пак овозможи битолчани да презентираат и атрактивни гол акции.

Најефикасен на средбата беше хрватскиот интернационалец Мандалиниќ кој за РК Еурофарм Пелистер постигна 11 голови или една третина од вкупниот број голови на домашниот тим, додека пак кај гостите се истакна Рашо со 7 постигнати голови.

Во рамки на групата „Д“ синоќа се одигра уште една меѓународна средба. Во Унгарија домашниот тим Татабања беше совладан од Гог со 35:32.