Косовскиот заменик премиер и копретседавач на државнит тим за преговори со Србија, Фатмир Лимај изјави дека негов и став на неговата партија, Социјалдемократската иницијатива (Нисма), од почетокот бил дека таксата од 100 отсто на српскиот увоз треба да се укине тогаш кога ќе престанат причините за нејзиното воведување, јави дописникот на МИА од Приштина.
Лимај во интервју за приштинската РТВ 21 рече дека таксата е резултат на загрозувањето на националната безбедност од страна на српската држава и на непријателското однесување на Србија во однос на Косово и неговите граѓани.
– Таксата ќе се укине тој момент кога ќе престанат причините поради кои е воведена. Србија треба да ги исполни барањата, но таа не престанува со непријателските дејствија. Една од причините зошто не треба да се укине таксата е негирањето од страна на Белград на српските воени злосторства извршени во Косово, рече Лимај.