Во Министерството за социјална политика, демографија и млади, во тек се контроли за да се утврди дали имало злоупотреба на доделувањето на услугата „туѓа нега“. Ова го кажа министерот Фатмир Лимани при неговата посета на Гостивар, одговорајќи на новинарско прашање дали се планира покачување на гарантирана минимална помош со оглед на тоа дека трошоците растат.
– Ќе треба да отвориме очи од две дванаесет на овие што исцрпуваат средства, како на пример, овие што се даватели на услуги на трето лице. Бројката се зголемува со секој циклус на избори за најмалку една илјада. Таков е примерот со Тетово. Последните три години, ако бројката била пет илјади, сега е седум илјади и петстотини корисници. За „туѓа неа“ во Скопје, од 9.000 имаме 13.700, близу 14.000 корисници, а ова само со тек на изборни циклуси, рече Лимани.
Тој посочи дека за оваа услуга на месечно ниво се издвојуваат по 6 милиони евра. Лимани изрази и сомнеж за злоупотреби и напомна дека веќе се вршат проверки на документацијата.
Според него, ако се намалат злоупотребите, ќе се отвори можност и за покачување на „минималната помош, но како што напомена, членовите на комисиите, лекарите и социјалните работници треба да бидат поодговорни во извршувањето на професионалните задачи.
На новинарско прашање околу препораката за старосната граница за пензионирање на „фискалниот совет“, дали ја разгледале, тој не даде прецизен одговор и кажа дека за тоа треба да се дискутира на владина седница.
– Ние сме во контакт и со премиерот. Мојата одлука не е конечна. Јас можам да бидам предлагач на некои закони, но тука има 20 министри кои треба да одлучат за ова. Во контакт сме и со сите министерства и со премиерот за сите овие работи, рече министерот за социјална политика, демографија и млади.