Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани отпатува во Брисел по повод потпишување на Меѓународната спогодба за учество на Република Македонија во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (Citizens, Equality, Right and Values – CERV), соопштија од Министерството.
Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“, појаснуваат од Министерството, нуди структурна поддршка за подобрување на заштитата на човековите права, борбата против дискриминацијата и инклузијата на ранливите категории.
-Пристапувањето во Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ е значаен чекор во усогласувањето со ЕУ-стандардите и интеграцијата на нашата земја во Унијата – таа директно придонесува кон исполнување на условите во Поглавјата 23 и 24. При тоа, ова не е само процес на усвојување на законски решенија, туку пред сѐ трансформација на општествените вредности и создавање на поинклузивно, праведно и демократско општество, се вели во соопштението од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Програмата обезбедува финансиска поддршка за граѓански организации, кои добиваат можност да аплицираат за грантови за проекти кои поддржуваат еднаквост, толеранција и човекови права. Преку Програмата се овозможува и институционална надградба. Владата и единиците за локална самоуправа можат да користат поддршка за подобрување на нивните капацитети во заштитата на фундаменталните права. Програмата, исто така, придонесува за промоција на недискриминацијата, засилена борба против родовата нееднаквост и насилството како и имплементација на препораките од Истанбулската конвенција.