Не е само Ципрас оној кој го реши спорот со името. Особено мудрата и паметната позиција на Кирјакос Мицотакис сигурно придонесе за решавањето на овој спор, вели лидерот на германските либерали (ФДП) Кристиан Линднер во денешното издание на грчкиот весник „Та неа“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Лидер на најголема опозициска партија кој вели дека во случај тој да биде избран, како премиер нема да ја поништи оваа одлука, туку ќе ја следи, иако има различно мислење, исто така значајно придонесува за одржување на внатрешниот мир во една земја. Според тоа, не треба да му се припишува позитивно само на Ципрас, туку подеднакво и за позицијата на Мицотакис кој како опозиција во Атина рече: „Ние сме против договорот, но во случај на промена на власта кога јас би го презел водењето на земјата, нема да ја ревидирам оваа одлука“, вели Линднер за „Та неа“.