„Tворештвото на Стојан Ристески, 2“ е нова книга од лингвистот, критичар и поет Васил Дрвошанов, објавена во издание на „Бата прес милениум“.
Во книгата се разгледуваат 35 монографии на Ристески од хуманистичките дисциплини: лингвистика, книжевност и културна историја, чиј заеднички признак е македонството.
Книгата „Tворештвото на Стојан Ристески, 2“ на Васил Дрвошанов е објавена по повод 90-годишнината од раѓањето на Ристески (1932–2021), македонски фолклорист, лингвист, литературен творец и неуморен истражувач на македонската книжевност, на македонското минато и културно наследство. Всушност, таа се надоврзува на првиот дел од истоимениот труд на проф. д-р Дрвошанов објавен во 2002 година, по повод 70-годишнина на Стојан Ристески.
Во вториот дел од книгата одделно се анализираат монографиите на Ристески, објавувани последниве дваесет години, од 2001 до 2020 година. Преку анализираните дела Дрвошанов го проследува научното и книжевното интересирање на пасионираниот истражувач, кој обработува различна тематика од областа на лингвистиката, на книжевноста и на културната историја на македонскиот народ.
Дрвошанов е наградуван автор. Има објавено 37 книги и над 400 статии од областа на лингвистиката и на македонската книжевност.