Првиот потпретседател на Европската комисија Франс Тимерманс денеска на конгресот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) во Лисабон, е избран за кандидат на пратеничкиот клуб на Социјалисти и демократи (СиД) за претседател на Европската комисија, на изборите за Европски Парламент во мај следната година.
Тимерманс остана единствен кандидат на социјалдемократите откако од кандидатурата во ноември се откажа словачкиот социјалдемократ и потпретседател на Европската комисија Марош Шефчович.
Тимерманс (57) е член на холандската Лабуристичка партија, а од 2012 до 2014 година беше министер за надворешни работи на Холандија.
Кандидат на Европската народна партија (ЕПП) за претседател на Европската комисија е германскиот конзервативец Манфред Вебер.