Со 13-тата победа во 14-тиот натпревар сезонава во Премиерлигата, Ливерпул побегна на дури 11 бода во однос на второпласираниот Манчестер сити и Лестер, кој има и еден меч помалку.
„Црвените“ на својот „Енфилд“ го победија Брајтон со 2:1, и имаат неверојатни 40 бода после 14 рунди. Двоен стрелец беше Вирџил Ван Дајк, после нафрлувања и асистенции од Трент Александер Арнолд.
На 15 минути до крајот, голманот Алисон доби црвен картон за играње со рака надвор од 16-никот, а додека неговата замена Адријан го местеше живиот ѕид, Данк ја погоди мрежата на Ливерпул и внесе неизвесност во финишот. Сепак, до крајот немаше промена на резултатот и Ливерпул ужива во огромната предност во однос на конкурентите.