Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска го посети заштитеното недвижно добро „Стар амам“ во Тетово, кое беше оштетено од невремето што пред два дена го зафати ова подрачје.
При посетата, тој оствари средба со директорката на уметничката галерија во Тетово, Беса Даути, која го информираше за оштетувањата предизвикани од невремето и потребата од итна интервенција за санација штетата.
На денешниот увид присуствуваа и директорите на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани и на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов, со стручните тимови.
За време на средбата, министерот Љутков истакна дека заштитата на културното наследство е еден од врвните приоритети на Министерството за култура и туризам, а со тоа и на новата влада.
„По направениот увид од страна на стручните служби од Управата за заштита на културното наследство и од Националниот конзерваторски центар, во најкус можен рок ќе се добие реална слика за настанатата штета и ќе бидат утврдени начините за што поскоро и поуспешно справување со последиците, што врз овој објект ги остави невремето кое го зафати тетовскиот регион“, изјави министерот Љутков.
Во 2015 година на заштитеното недвижно добро „Стар амам“ е направена целосна конзеравација на објектот и партерното уредување со што беше ставен во функција како современ галерски простор во Тетово.