Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека на 18 август ќе ја посети меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Ова доаѓа по објавата на текстот: Едикојси против Петрета Андреевски или „Еј бре кој си ти против Петрета да бидиш?!“ од страна на писателот и професор по книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Венко Андоновски, во која го повикува министерот за култура и туризам итно да преземе мерки за постановката на Петре М. Андреевски да стане државна сопственост и да се стави под целосна државна заштита.
Во објава на социјалните мрежи, денеска, министерот за култура и туризам, Љутков, порача дека таму не оди само како поединец, туку „како глас на сите оние што не се согласуваат културното наследство да се заборава, запоставува и распаѓа“.
– Сакам со свои очи да видам во каква состојба се наоѓа просторот што треба да биде светилиште на македонскиот дух и збор. Иако оваа поставка формално не е под ингеренции на Министерството за култура, како министер чувствувам одговорност да реагирам и да делувам – затоа што кога станува збор за великан како Петре М. Андреевски, културната должност е над административните граници, вели Љутков.
Досега, додава, до него како министер за култура не е пристигнато никакво официјално обраќање или известување во врска со условите во кои се наоѓа поставката.
– Оваа информација за првпат ја добив преку социјалните мрежи. Тоа зборува за погрешна комуникациска практика која мора да се надмине – институциите постојат токму за ваквите прашања. Истовремено, ја информирам јавноста дека Министерството за култура презема обврска да обезбеди траен, соодветен и институционално признат простор за презентација на ликот и делото на Петре М. Андреевски во рамки на Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” во Скопје, наведува Љутков.
Просторот, вели, ќе овозможи достоинствена поставка на ракописи, лични предмети и архивски материјали на Андреевски, како и пристапност за истражувачи, студенти и граѓани, што, според Љутков, претставува институционална грижа и заштита на неговото културно наследство.
– Верувам дека ова не е само чин на оддавање почит, туку и исправување на долгот кој македонската култура го има кон еден од своите највеличествени творци. Петре М. Андреевски не е само писател. Тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Неговото дело мора да биде зачувано таму каде што му е местото, во срцето на нашата културна меморија, стои во објавата.
Фото: МИА архива