Сегашната состојба во Европската Унија не овозможува прием на нови членки во задоволувачки услови, изјави француската министерка за европски прашања Натали Лоазо, во пресрет на нејзината посета на Србија.
– Сегашната состојба во Европската Унија не дозволува нови придружувања во задоволителни услови, како за Европската унија, така и за новите држави кои би и се придружиле. Треба да ја реформираме Европската унија и да го ревидираме нејзиното функционирање, изјави Лоазо во интервју за весникот „Политика“.
Таа оцени дека Франција верува оти Србија има европска перспектива и дека со Црна Гора е меѓу земјите кои најмногу напредувале на тој пат, отворајќи 16 од 35 поглавја, но како пријател на Србија мора да ја каже вистината.
Лоазо вели дека на ЕУ и е потребна реформа, во интерес на нејзините соседи и на земјите кои тежнеат да ѝ се приклучат.
Таа потсети дека земјите кандидати за членство мора да ги исполнат сите критериуми, кои се однесуваат на секое поглавје.
Како два главни предизвици за зачленувањето на Србија во ЕУ, таа ги наведе зајакнувањето на владеењето на правото и потребата за решавање на спорот околу Косово.
Лоазо рече дека Франција ја повикува Приштина да ги укине таксите од 100 отсто за увоз на српски производи и дека не може да има дијалог без минимална доверба меѓу страните.
Француската министерка порача дека европските избори во мај ќе бидат одлучувачки за иднината на ЕУ.
– Ќе мораме да обезбедиме мнозинство во Европскиот парламент за да ја реформираме Европа, нагласува Лоазо во интревјуто за „Политика“.