Министерот за правда Кренар Лога најавува дека ќе испрати писмо до претседателот Стево Пендаровски за свикување на седница на Советот за безбедност на која, како што вели, ќе се разгледа состојбата со над 2 800 осудени лица со упатен акт, кои не ја одлежуваат казната поради недостиг на простор, а кои претставуваат потенцијална опасност за целото општество.
Посебно писмо, како што информираат од Министерството за правда, Лога ќе испрати и до министерот за внатрешни работи и директорите на АНБ и АР, каде ќе се побарат истите информации.
Министерот за правда, Кренар Лога, ќе испрати писмо до претседателот Стево Пендаровски, во кое ќе побара да свика седница на Советот за безбедност. На оваа седница министерот Лога ќе побара да се разгледува состојбата во затворите во земјава и состојбата со над 2.800 осудени лица со упатен акт, кои не ја одлежуваат казната поради недостиг на простор, а кои претставуваат потенцијална опасност за целото општество и можноста досегашните дела да им застаруваат и со тоа да се охрабрат истите да ги повторат, се вели во соопштението од Министерството за правда.
Предлогот на Владата по скратена постапка да се донесе законот за амнестија вчера не доби поддршка од Собранието, додека министерот за правда Кренар Лога најави дека повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овој пат по редовна постапка.
Собранието при утврдувањето на дневниот ред на 129 седница, со 66 гласа „против“, 17 „за“ и тројца „воздржани“, не go изгласа предлогот за носење на Законот за амнестија по скратена постапка. Претходно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување голем број амандмани, а амандмани најави и СДСМ со цел да се изземат од амнестирање осудените од предметот „Монструм“.
Министерот Лога пред почетокот на 129. собраниска седница на пратениците им достави албум со фотографии од затворот Идризово, порачувајќи дека одговорноста сега е на Собранието.
-Имате 2100 осуденици во затвор кои имаат лежено повеќе од две третини ако во овој дел се амнестираат имаат 2800 исто така осуденици кои се на улица. И сега реториката дека криминалци ќе излегуваат на улица не е во ред. Вкупно 2 800 тие се на улица што веќе ги имаме меѓу нас. За ова дали имаат одговор. Јас сакав одговорноста како министер да ја префрлам каде што треба да прифатат одговорност. Одговорноста за ваквите чекори му припаѓа денеска на Собранието. И за жал си донесоа таков став. Ќе пробам уште еднаш, истакна Лога.
Со предлог законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 треба да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.