За министерот за правда има нелогични случувања во судските институции и од таму се промовираат двојни аршини. Во интервјутот за Радио Слободна Европа тој наведува дека за една изјава на обвинителката ленче Ристоска ќе се покренува дисциплинска постапка, а за контроверзната смена на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, нема никаква одговорност.
„Во Кабинетот ги разледавме овие случувања и дискутираме меѓу себе како е можно за истите врвни органи на правосудниот систем да има двојни аршини. Во едниот да се дава можност без расправа, без причина и без дисциплинска постапка да се разрешува, а во другиот дел, само за една изјава која треба исто така да се докаже дале е или не е така, да се побара во итен рок да се одговара дисциплински. Мене ми е чудно сето ова. Јас ќе седнам и со претседателот на Совет на обвинители и со обвинителката Ленче Ристоска за сите овие нејзини изјави“, рече Лога.
Тој додава дека со две писма до Судскиот совет побарал да не застарат предметите како „Таргет-Тврдина“ поради оддолговлекувањето на Апелацискиот суд, но ништо не било преземено од нивна страна.
„За жал, ништо не беше преземено до нивна страна, и дојдовме до оваа ситуација не само од јавноста, туку и од меѓународната заедница да имаме силна реакција. Судскиот совет треба да е експедитивен“, нагласува тој.
Лога наведува дека пред два месеци имало извештај од надзор на Судот во Куманово, каде од осум точки претседателот на судот не исполнува седум од нив, меѓу нив и за АКМИС системот, кој бил манипулиран. Извештајот е поминат во Судскиот совет, но не е преземена никаква мерка.