Проблемот со нарушувањето во говорот и јазикот добива епидемиски карактер, предупредуваат логопедите.

– Тоа значи дека современиот живот иако носи многу придобивки, по однос на младите генерации прави дополнителни проблеми. Не постои жива комуникација, децата отсуствуваат од непосредна игра со врсниците и своите родители, се повеќе време поминуваат на телефони, пред телевизори…, што создава ситуација на подоцнежно развивање на говорот и на јазикот од една страна, а од друга страна многу подоцна ги совладуваат сите форми на говорно изразување. Родителите треба повеќе време да поминуваат со децата, рече Ана Пановска, раководител на Одделението за логопедија при ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас.

Таа денеска истакна дека до петтата година најважно е на децата да им се обезбеди спорт и музика.

– Сето останато кое ќе го стимулираат музиката и спортот ќе бидат надградување односно успешно академско знаење. Потребно е што помалку време тие да бидат во затворена средина, а повеќе време да поминуваат на отворен простор, истакна Поповска по почнувањето на интерактивната работилница „Говориме – Твориме“, што ја организира денеска Заводот по повод 57-годишнината од неговото постоење.

На работилницата, како што посочи, учествуваат дваесеттина деца од одделите за рехабилитација на говор и слух од четири до седум години кои креираат свои ликовни творби, имаат поддршка од стручни лица и се учат на техниките на формирање колаж со помош на зачини, сликички и бои.

– На овој начин ќе можеме да ги потикнеме сите сетилни форми, како што се вид, слух, мирис и допир, а со тоа да направиме една поголема и поважна креација со што ќе го отсликаме тоа што ние секојдневно низ говорот го учиме со децата, додаде Поповска.

Директорката на ЈЗУ „Завод за рехабилитација на слух, говор и глас“, Силвана Филипова рече дека прв пат вовеле стандардизација, набавиле стандардизирани тестови кои ги адаптирале и прилагодиле на македонски јазик и веќе ги применуваат, опремиле кабинет за виброакустична терапија (дејство на микровибрации и звучни бранови во т.н. слушен дијапазон, кај кој се присутни бранови од 20 до 16.000 херци, со амплитуда од околу 100 микрони), што значи дека за лицата со говорни нарушувања ќе се вклучи и таква терапија.