Јапонската тенисерка Наоми Осака и најдобрите двајца светски тенисери Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал денеска изразија решителна подготвеност да настапат на Олимписките игри (ОИ) во Токио, и покрај растечката резервираност во земјата околу организацијата на најголемиот спортски настап поради пандемијата на коронавирус.
Осака, која досега има освоено три Гренд слем турнири, на прес-конференција во Мелбурн, истакна оти е подготвена да остане во „својата соба две недели за да може да се натпреварува на Игрите“ во Токио.
-Ги пропуштив последните Игри. Олимпијадата за мене ќе биде нешто посебно, истакна Осака
Шпанскиот тенисер Надал, како и Осака, истакна дека сака да настапи на Игрите во Токио.
-Тоа што мораме да го направиме е да ги следиме препораките на здравствените власти, рече Надал, додавајќи, притоа, оти, сепак, ќе биде тешко да се спроведе задолжителниот карантин.
-Тоа ќе биде тешко да се интегрира во нашиот календар, истакна вториот светски рекет Надал.
Најдобриот тенисер во светот, Србинот Новак Ѓоковиќ, кој на Олимпијадата 2008 во Пекинг го освои бронзениот медал, исто така, ја повтори својата намера да настапи на Игрите во јапонската престолнина.
-Навистина се надевам дека ќе се одржат, им изјави Ѓоковиќ на новинарите во Мелбурн.