Датумот на локалните избори 17 октомври, потврди премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев. Поместување од законските рокови во Изборниот законик нема иако претходно тој најави дека изборите би било добро да се одржат на 30 октомври, пренесува ТВ Сител.
Заев вели нема да биде проблем ни поклопувањето од три дена на пописот со изборна кампања.
Неофицијално, собранискиот спикер Талат Џафери во петок ќе објави кој ден ќе ги распише изборите.
Работната група од претставници на парламентарните партии пак, ги утврдиле и измените во Изборниот законик поврзани со ОБСЕ/ОДИХР, а утврден е и праг од 2 отсто од бројот на избирачи во изборната едница за собирање на потписи за поднесување на независни листи.
За отворените советнички листи, се уште стои предлогот за комбиниран систем.
Граѓаните својот глас ќе го дадат најпрво за партија или носител на листа, а потоа ќе можат од понудената листа за избраната партија да одберат еден советник кој го преферираат.
Но, за да влезе во општинскиот совет ваквиот префериран советник ќе треба да освои најмалку три отсто од гласовите.
Помалите партии се уште сметаат дека ова решение не е добро. Најавуваат филибастеринг ако не се повлече.
Измените на изборниот законик според извори од работната група се планира во Собранието да влезат утре во скратена постапка, а веќе до петок да се закаже и специјална седница за нив за да бидат изгласани пред пратениците да заминат на годишен одмор.