Не мал е бројот на компании што во овој момент се интересираат за учество на проектот за изградба на првите две фази од пругата кон Бугарија, вели во интервју за МИА Хари Локвенец, директор на ЈП Македонски железници Инфраструктура.
Претквалификациската фаза за овој проект, што беше отворена на 5 јануари, завршува на 15 месецов во 10 часот, кога ќе се знае колку компании вкупно пројавиле интерес за учество на тендерот со кој ќе се избере компанијата што ќе ги гради делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка.
Очекувањата на Локвенец се дека на крајот на февруари ќе имаат кратка листа со потенцијални изведувачи по што би следела објава на тендерот, како и работи на терен на почетокот на втората половина од годинава.
Во интервјуто со Локвенец разговаравме за плановите и роковите за изградба на трите делници од пругата кон Бугарија, очекувањата за пуштање на пругата Битола – Кременица, првичните активности за железничко поврзување на Скопскиот аеродром со главниот град, состојбата и одржувањето на пругите….
Во тек е претквалификациската фаза за тендерот за изградба на првите две делници од пругата кон Бугарија? Има ли интерес за учество и што предвидува временска рамка?
Ова е исклучително важна тема од повеќе аспекти, на ниво на државните интереси, но сепак далеку од фокусот на народот и јавноста водејќи сметка дека сепак се поминати долги години како овој проект се пролонгирал. Во моментов сме во претквалификациска фаза на тендерот за изработка на првата и втората фаза од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри. Ќе остане уште третата фаза од Крива Паланка до границата со Република Бугарија во должина од 24 километри. Тендерот за претквалификација е распишан на 5 јануари и трае до 15 февруари до 10 часот изутрината до кога ги очекуваме сите понуди, кога и ќе ја имаме информацијата колку компании пројавиле интерс и дале своја понуда со лично портфолио и карактеристики со сето она што претходно го сработиле и кое е критериум при изборот на претквалифицирани компании кои би можеле да учествуваат на тендерот.
Имаме временска рамка, која можам да ви кажам е многу амбициозна, а главен аргумент за тоа ни е искуството од минатото на кој начин нештата се случувале и колку многу тешко се стасувало и до изработка на тендерска докуметација, отворање тендер и избор на изведувач и на самиот крај реализација на изведбените работи. Нашата цел е до крај на февруари да имаме евалуирано и избрано кратка листа на квалифицирани компании кои би учествувале на главниот тендер со свои понуди. Станува збор за еден тендер во два лота. Се надевам до крајот на февруари да ја добиеме кратката листа и да го објавиме тендерот водејќи сметка дека станува збор за меѓународен тендер. Периодот на подготовка на документација за финална понуда е 90 дена, што би значело дека до крајот на мај би требало да заврши процесот, рокот за поднесување на понудите, и после тоа останува очекувам период од две-три недели во кој би се извршила финалната евалуација и би ја добиле фирмата изведувач. Во овој момент од информациите кои можеме да ги добиеме од платформата на Европската банка за обнова и развој каде се поднесуваат сите документи и каде се пројавува интересот преку квалификации, најразлични појаснувања и поставувања прашања, можам да ве информирам дека е не мал бројот на компании кои во овој момент се интересираат за учество во овој проект. Тоа за нас е исклучително важно водејќи сметка дека главната интенција ни е од што е можно поголем број компании да ја избереме најдобрата и конечно овој проект почнат уште во минатиот век да го доведеме до крај, да стане реалност за македонските граѓани и конечно да се поврземе барем на Црното Mоре, а после тоа да продолжиме со проектот за поврзување со Јадранското Mоре преку западниот крак на Коридор 8.
– Каков терен за изведба им нудите на потенцијалните учесници на тендерот, работите на првата фаза беа прекинати и која е официјалната причина за тој прекин?
Како раководител на оваа компанија тука сум помалку од три месеци и поради тоа можам да го споделам само тоа дека прекинот на Договорот за градба е случен по барање на изведувачот и претпоставувам дека станува збор за лични аргументи од страна на компанијата. Она што јас го гледам е дека за сегашниот тендер што го отвораме и за почетокот на градба за кои искрено се надевам дека ќе почне на почетокот на втората половина на годината, претпоставувам во текот на јули, тоа е искрено мојата надеж, е дека целата компанија и сите ангажирани околу реализацијата на овие проекти даваат се од себе ова да стане реалност. Сметам дека буквално сите препреки кои ги има во моментов и онака предвидливо би се појавиле следниот период сме во можност да ги детектираме и уште сега превентивно да ги отстраниме.
На што конкретно мислите, таму имаше проблеми со експропријацијата…
Посветеноста на луѓето во компанијата е на највисоко ниво за решавање на проблемите, сите ние на дневно ниво ги решаваме овие прашања. Сепак станува збор за проекти кои се почнати многу години одамна и тоа појавува еден потенцијален проблем на неактуелност на податоците на документите кои се користат. Ажурирањето на сите тие податоци е составен дел од работата како би добиле информации и документација кои се целосно во тек со реалната состојба на теренот, нешто што би им помогнало на изведувачите за полесна и навремена реализација на проектот. За потребите на потенцијалните понудувачи на Ју-тјуб каналот поставивме две видеа со првата и втората делница, снимки со дрон со цел да им помогнеме кон поголема приемчивост на информацијата со што би се соочиле, како и поблиско визуелно доближување до реалните ситуации на терен и на кој начин би ги решавале следниот период. Визуелната информација не е финална, не е измерена, не е тесирана, водејќи сметка дека посебно во втората фаза станува збор за изградени носачи, столбови, мостовски конструкции, избушени тунели. Сето тоа ќе бара дополнителен ангажман, но во проценките на проектантите од изминатиот период е предвидено дека и првата и втората фаза заедно би требало да се реализираат во рок од 36 месеци, со тоа што искрено мојата надеж е дека првата фаза би требало да се заврши за близу половина од овој предвиден период.
Колку е реализирано досега од првата фаза, заокружена ли е финансиската конструкција?
-Според конкретните бројки од надзорниот инженер станува збор за 54 проценти реализација на градежните работи во првата фаза, но водете сметка дека за распишување на еден тендер тоа вам не ви значи ништо, потребен ви е точен и конкретен премер и пресметка да знаете во секоја позиција, колку, како и што е сработено и има остаток за завршување. И таа работа ја имаме завршено, со тоа што убеден сум дека ќе се продолжи без никаков проблем и оти ќе имаме континуитет во надградбата на веќе почнатите активности. Финансиската конструкција за двете фази е обезбедена преку Еврпската банка за обнова и развој која што ги има обезбедено средствата и за првата и за втората делница и во моментов се реализираат. Обезбедени се 68 милиони евра грантовски средства за втората делница, а во исто време бидејќи ја спомнуваме и третата делница преку ИПА 2 програмата 60 милиони евра инвестициски грант кои треба да почнеме да ги трошиме час поскоро.
Предмалку во одговорот на вашето прашање го искористив зборот амбициозни и верувајте амбициозноста е поврзана токму и со активностите поврзани со третата фаза. Директно на дневна основа ги работиме прашањата поврзани со реализација на третата фаза. Во фаза сме на изработка на одобрување на инфраструктурниот проект, во исто време паралелно со таа постапка оди и одобрувањето на основниот проект, паралелно се изработува тендерската документација, како за надзорен инженер така и за градба. Во исто време се обидуваме да обезбедиме дополнителни грантовски средства кои искрено се надевам дека ќе бидат во поголем износ од оние кои сме ги обезбедиле претходно за другите фази во текот на февруари. Обврските што ги имаме и како компанија и како држава во однос на обезбедување на целосната документација и сите предуслови околу третата фаза ќе ги завршиме во целост во текот на следните неколку месеци.
Соработувате ли со Бугарските железници, до каде се тие со обврските од нивна страна за железничкото поврзување?
Потребата од поврзување на двете пруги преку заеднички тунел што ќе ги поврзува нашата држава со Република Бугарија само по себе подразбира потреба од креирање работна група која ќе го решава овој проблем, зборувам од технички аспект, не станува збор за проблем, туку за отворено прашање. Во моментов креирана е работната група на техничко ниво и поради коронакризата се уште не е почнатата интензивно со работа, а имаме и меѓусебни контакти со директорите од бугарските железници инфраструктура. Мислам дека тие ги имаат преземено и пристапено кон обврските од нивниот дел. Станува збор во моментов според моите сознанија за креирање на техничка и проектна документација која ќе биде потребна за реализација на овој дел од пругата.
Сметате ли дека овој проект ќе стане реалност?
Јас сум убеден, ако ме прашувате лично како Хари Локвенец, сепак, да почекаме, краток е периодот за ова што го најавував пред малку како роковник, како временска рамка и како предуслови за целосно завршување на проектот. Лично сум убеден, но да почекаме да се реализира и сигурен сум дека сето ова всушност на крај ќе даде еден финален ефект – завршување на еден толку долгоочекуван инфраструктурен проект кој е од суштинска важност за нас. Во моментов се појавуваат како прашања, а можеби и ќе се интензивираат следниот период околу важноста на пругата наспроти патничкиот сообраќај. Имајте ја предвид информацијата дека станува збор за транспорт во еден момент на 1.500 тони стока, добра кои може да се транспортираат од една до друга точка. Земете ја во предвид и екологијата, заштитата на животната средина, во овој момент од сите превозни средства возот е најбезболниот во однос на ова прашање, надоврзано со огромните количини кои може да се транспортираат. Една локомотива влече стока со тежина од 1.500 тони во споредба со другите превозни средства каде ограничувањето е 20-ина тони.
На Коридорот 8 се очекуваат активности и за најавената пруга Кичево-Лин…
Во моментов работиме на дополнување на техничката документација која ни е потребна за реалзиација на овој проект. Реално фокусот ни е источното крило, но од друга страна проблемот што се појави со УНЕСКО заради трасата на овој коридор е нешто што во овој момент малку го има забавено целиот процес. Како информација за македонската јавност треба да знаеме дека проблем со трасата на територија на нашата држава нема, критериумите на УНЕСКО се 20 метри минимум оддалеченост на пругата од езерскиот брег, а проектот што го имаме ние е растојание од минимум 50 метри, така што условите што се поставени од страна на УНЕСКО се исполнети од наша страна. Проблем е точката на поврзување во Република Албанија, Лин, каде проектот во нивниот дел од целата траса е проблематичен зошто е премногу блиску до езерото и тој мора да се промени. Мало поместување на трасата всушност мало е само на прв поглед во моментот таму каде што треба да биде поместено, но за да се случи тоа и за да се реализира потребно е многу километри наназад да ја промените трасата, кривините треба да имаат свој агол, косините мора да имаат одреден степен кој е дозволен според критериумите, така што, тоа што критериумите на УНЕСКО не се исполнети во Албанија индиректно не допира и нас заради тоа што крајниот дел на пругата околу Струга ќе мора да биде ревидиран, не знам дали ќе биде поместен или ќе се најде некакво друго решение, но во секој случај не можеме да почнеме со работа се додека не го добиеме финалното решение за точката на поврзување
Во фаза сме на обезбедување на целосната техничка документација и останатите предуслови од типот на затворање на финансиската конструкција која е неколку стотини милиони евра, со тоа што финалната проценка се уште не е направена и таа ќе биде сосатавен дел на финалниот документ што е поврзан за затворањето на финансиската конструкција.
Ставањето во функција на пругата Битола-Кременица трае подолго време. Што е причината за тоа?
-Битола-Кременица е завршена од градежен аспект минатата година, потребна е употребна дозвола која во овој момент е во фаза на издавање. Финализацијата на документацијата за издавање е во завршна фаза и моите очекувања се дека во најкраток рок, верувам дека нема да зборуваме за месеци, туку за што е можно пократок рок, ќе ја добиеме употребната дозвола и ќе почнат да се движат возовите кон Грција.
За каква документација станува збор, каде е проблемот?
Сепак станува збор за важен голем инфраструктурен проект кој треба да биде направен документациски вистински без импровизации како што треба. Сметам и дека пролонгирањето од неколку месеци е во интерес на обезбедување поквалитетна услуга поврзан со железничкиот сообраќај за сигурност и безбедност на патниците и токму поради тоа мислам дека оваа документација коај е потребна ќе биде обезбедена. Може да се очекува целосна соработка со Грчките железници бидејќи станува збор за интерес на двете држави и на двете компании. Очекува дека по завршувањето на нашиот дел од работата и завршувањето од грчка страна претпоставувам дека и тие треба да дозаврзашт нешто од аспект на документација, дека во најсокор време ќе почнат да се движат воозвите помеѓу двете држави.
Во неколку наврати се споменуваше железничко поврзување на Скопскиот аеродром со главниот град. Имате ли веќе некоја конкретна активност?
– Во почетна фаза сме на иницијативата за изработка на проектот и негова реализација. Станува збор за иницијална идеја која се претставува неколку години во јавноста за поврзување на железничката станица Илинден со Аеродромот во Скопје. На таков начин би имале директна врска помеѓу аеродромот и централната железничка станица во Скопје со неколку попатни постојки помеѓу аеродромот и Желензичката станица. На овој начин Македонски железници Инфраструктура ќе придонесе кон подобрување и зголемување на квалитетот на живот не само на граѓаните на Скопје туку и на сите за поврзувањето на аеродромот, меѓутоа и користење на јавниот превоз преку централната автобуска и железничка станица што се на исто место кон останатите точки во градот и во државата.
Во каква состојба е постоечката железничка инфраструктура и какви активности се преземаат за нејзино подобрување?
-Состојбата со пругите секогаш може да биде подобра, идејата ни е со инвестиции во одржувањето на дневна основа да имаме подобрување на квалитетот и на моменталната кондиција на железничката инфратсруктура. Со правилно распоредување на средствата кои се инвестираат во реконструкција на железничките пруги, сето она што го добиваме според Законот за железнички сообраќај, како дел од Буџетот на државата ги искористуваме тие средства во подобрување на железничката инфраструктура. Тоа никогаш не е доволно и секогаш може повеќе и подобро. Во таа насока се обидуваме во реорганизација внатре во компанијата со обезбедување на сите потребни предуслови и од технички и од логистички аспект кон вработените за поквалитетна и поефикасна работа. Детектирани се сите проблематични точки каде треба да се реагира и се работи на дневна основа. Имаме интервенции на дневно ниво бидејќи кондицијата на пругата се следи на дневно ниво а од друга страна имате планови за подобрување на железничката инфраструктура на подолг период или периодична промена на прагови, на шини, ангажмани околу патните премини.
Се обидуваме преку обезбедување на квалитетот на пругите, одржувањето преку реконструкциите кои ги правиме да ја подбриме и зголемиме брзината. Сепак станува збор за инфраструктура која го има својот почеток пред приближно 150 години. МЖ во 2023 годинаќе ја прослават својата 150-годишнина, што е исклучително голем период. Сметам дека како една од поважните институции кои раководат со дел од критичната инфраструктура ќе ги подобриме. Краток период сум на оваа позиција и очекувам дека во следниот период огромен дел и од инвестиците и од фокусот не само кон новите проекти, ќе биде насочен и кон подобрување на постоечката железничка инфраструктура и зголемување на можноста за зголемена брзина за движење на возовите.
Имате ли анализа на што се должат железничките несреќи од изминатиот период, како што се излизгувањата од шини, таков случај имаше и пред неколку дена при сообраќањето на возот на релација Кочани Штип Скопје?
За секој тип на таков инцидент постои комиисја, не може да се каже дека секогаш проблемот е само во железничката инфраструктура или само во превозното средство, дали станува збор за локомотивата или за вагоните. Комисиите ја определуваат причината заради која настанала несреќата. Видете несреќата сама по себе е многу тешка и пробмелатична и поради тоа се обидуваме да посветиме огромно внимание поврзано со безбедноста и сигурноста на железничкиот сообраќај. Поради тоа кажав дека на дневна основа станува збор за тестирање на квалитетот на пругите и за условите во кои се одвива сообраќајот и реакција на какви било аномалии кои се појавуваат. Целта ни е посебно во делот во кој учествува железнучката инфраструктура во железничкиот сообраќај да ги сведеме на минимум причините да се случи некоја таква непосакувана ситуација.
Регистрирате ли се уште оштетувања на пругите од несовесни граѓани?
Верувајте премногу често. Ги гледав анализите и статистиките и од претходните години наназад, зимскиот период е исклучително проблематичне кога не на шините, на праговите, но на сета останата дополнителна инфраструктура од типот на сигнализација, на таблите кои пренесуваат важни информации поврзани со инфраструктурата зошто Железницата има телекоманда преку која се командуваат активностите поврзани со свртниците и со насочувањето на возовите. Оштетувањата и кражбите кои се прават претставуваат голем проблем, прво закана кон безбедноста на сообраќајот, но и од финансиски аспект.
Лидија Велковска
фото: Дарко Попов