Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар на вонредна прес-конференција денеска изјави дека во Србија е регистриран првиот случај на новиот коронавирус.

Лончар објасни дека станува збор за маж на возраст од 43 години од Суботица, кој неколку пати бил во Будимпешта и ги имал сите знаци кои биле слични на коронавирус или вирусна пневмонија. Пациентот се чувствува добро и нема никакви проблеми, информира Лончар.

– Ветивме дека ќе бидеме исклучително транспарентни и оти веднаш ќе ја известиме јавноста. Она што го очекувавме се случи, и беше прашање на часови кога ќе се случи, а тоа е дека го имаме првиот позитивен случај на коронавирус, изјави српскиот министер за здравство.

До 6 март, во Србија вкупно се тестирани 60 лица, кај кои не е регистриран новиот коронавирус.