Министерот за здравство на Република Србија, Златибор Лончар денеска разговараше со регионалниот директор на компанијата „Фајзер“, Мухамед Хамам за деталите од потпишаниот договор за набавка на лекот против коронавирус на таа компанија, динамиката на испораката и иднината и модалитетите на соработка, јави дописникот на МИА од Белград.
– Договорот за набавка на овој лек од компанијата „Фајзер“ досега го потпишаа САД, Австралија, Велика Британија и уште една голема и важна земја – Србија. Тоа најдобро говори за тоа колку Србија денес и се што направивме за време на пандемијата е почитувана и ценета во светот, истакна Лончар, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Директорот на „Фајзер“ го истакна своето задоволство од соработката со министерот за здравство и особено ја истакна посветеноста и цврстата определба на Србија да го стави под контрола коронавирусот.
– Знам дека досега направивте многу за да ја контролирате епидемијата, а вашата посветеност се илустрира со фактот што се сретнавме за многу кратко време во текот на викендот. Се радувам на понатамошната соработка и заедничките активности за ставање крај на пандемијата, рече Хамам.
На почетокот на месецов министерот Златибор Лончар изјави дека е потпишан договор за дистрибуција на лекот на „Фајзер“ во Србија.
Експерименталниот лек за третман на коронавирус, кој е развиен од американската компанија „Фајзер“, за 89 отсто го намалува ризикот од хоспитализација и смрт кај пациенти чие здравје е веќе загрозено, покажаа клиничките испитувања.
Овој лек го блокира ензимот потребен за размножување на коронавирусот, а како резултат на тоа се намалуваат смртноста и хоспитализацијата.