Британската полиција го идентификува напаѓачот, кој вчера во Лондон усмрти две лица како 28-годишниот Усман Кан, кој во 2012 година бил обвинет за тероризам, а минатата година бил условно ослободен.
– Лицето е познато на властите со оглед на тоа дека веќе било обвинето за кривично дело тероризам. Тој е условно ослободен од затвор во декември 2018 година, а клучно во истрагата е да утврдиме како го извел овој напад, изјави шефот на антитерористичката полиција Нил Базу.
Според „Тајмс“, Кан бил условно ослободен откако се согласил да носи електронска направа за следење на затворениците.
Две лица вчера беа убиени при напад со нож во близина на Лондонски мост, а потоа полицијата го застрела напаѓачот. Во инцидентот се повредени и две жени, кои се хоспитализирани.
Британскиот премиер Борис Џонсон по објавувањето дека напаѓачот бил осуден за тероризам истакна дека е потребно да се зголемат судските пресуди за злосторствата поврзани со тероризам.
– Грешка е да им се дозволи на сериозни и насилни криминалци порано да излезат од затвор и многу е важно да се одвикнеме од тоа и да ги заостриме соодветните пресуди за опасните криминалци, посебно за терористите, посочи Џонсон.
За време на предизборната кампања во 2017 година тројца милитанти со комбе влетаа во група пешаци на Лондонски мост, а потоа ги нападнаа и луѓето што беа во близина на мостот, при што загинаа осум лица, а 48 беа повредени.